Отворени пет јавни тоалети и две бачила – Скијачката сезона на Попова Шапка може да почне – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/21 4:05 PM

Отворени пет јавни тоалети и две бачила – Скијачката сезона на Попова Шапка може да почне

Пред почетокот на скијачката сезона на Попова Шапка, која официјално ќе стартува на 15 месецов, Адем Авзиу директорот на Елем Турс, јавно претпријатие кое стопанисува со центарот заедно со министрите за економија и животна средина Крешник Бектеши и Насер Нуредини, се пофалија со неколку проекти и, како што рекоа новитети, a  меѓу нив и конечното пуштање во употреба на јавни тоалети, кои  никогаш ги немало во центарот. На денешната средба беше и најавено дека на 15 и 16 месецов бесплатно ќе се скија.

-Ние во ски-центарот во изминатите седум месеци инвестиравме во неколку главни точки за подобрување на инфраструктурата за љубителите на скијањето. Имаме изградено пет јавни тоалети, две модерни бачила. Едното бачило е кај ски патеката Ге и другото кај ски патеките Тетекс1 и Тетекс 2. Освен тоа, инвестиравме и во новата патека за ноќно скијање, Аеродром патеката од над два километри. Истата се поврзува и со патеките околу шестоседот, продолжува до Церипашина, се спушта долу до Тетекс па се до црквата „Св. Илија“, рече Адем Авзиу директор на ЕЛЕМ Турс.

Туристите, пак, бараат покрупни инвестиции, ако сакаме Попова Шапка да биде рамо до рамо со бугарските и српските ски центри, а тоа центарот го заслужува, затоа што има одлични услови и природни патеки за скијање и бордање.

-Тука буквално треба се да се смени, сета инфраструктура, хотели нови, исто така треба да се гради гондола Тетово- Попова Шапка, но и да се размислува за инсталација на вештачки снег, оти секогаш како сега Бог нема да дава природен снег,а без снег нема сезона, вели еден посетител.

Директорот Авзиу вели дека се работи на идејни решенија за нова гондола Тетово – Попова Шапка, како и инсталација на вештачки снег. Во меѓувреме според нив, се разговара со сериозни инвеститори за развој на центарот преку јавно – приватно партнерство, или целосна приватизација.

Министерот за економија Бектеши пак, истакна дека еден од најголемите потенцијали во делот на туризмот е секако Попова Шапка.

Оваа година имајќи предвид дека и ова е година на пандемија навистина се направени огромни работи во делот на подобрување на инфраструктурата, во подобрување на квалитетот на услугите што ги понудува Попова Шапка, рече Бектеши .

(З.Д.)