Судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите се најкорумпирани-покажа анкетата на МЦМС – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/21 3:43 PM

Судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите се најкорумпирани-покажа анкетата на МЦМС

Корупцијата е голем проблем за граѓаните и тие не се оптимисти дека таа ќе се намалува во иднина. Според анкетираните граѓани, судиите, министрите, пратениците, градоначалниците и обвинителите се најкорупирани, покажува истражувањето за проценка на корупцијата спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Вкупно 80 проценти од прашаните сметаат дека желбата за брзо богатење на оние кои се на власт влијае на широката распространетост на корупцијата, а значен фактор е и недостигот на строга административна контрола на корупцијата, неспроведувањето на законите и недоволната заштита на лицата кои пријавуваат корупција.
„Околу една третина од граѓаните (33,7 проценти) биле изложени на коруптивен притисок, а 32,9 проценти биле вклучени во корупција, но сепак, корупцијата останува неказнива. Овој процент претворен во апсолутни бројки, покажува дека станува збор за над 550.000 сторени дела. Во 2020 година, вкупно 82 лица биле осудени за злоупотреба на службената положба или поткуп, односно, стапката на ефикасност на институциите од 0,015 проценти“, наведува МЦМС.
Речиси три четвртини од граѓаните сметаат дека постои веројатност или голема веројатност за коруптивен притисок и во иднина. На скалата од еден до пет, каде што еден значи дека воопшто нема корупција, 75 проценти од граѓаните дале највисоки оценки за распространетост на корупцијата во судовите, 71 процент за во обвинителството и над 66 проценти сметаат дека корупцијата ја има во Владата и Царината.
Што се однесува до довербата во антикорупциските институции, речиси 33 проценти од граѓаните имаат целосна или делумна доверба во Владата, 30 проценти во Министерството за внатрешни работи, а Државната корупција за спречување корупција е на трето место со околу 24 проценти.
Анкетата за потребите на МЦМС ја спровела ИПСОС на репрезентативен примерок од 1.014 полнолетни лица. Анкетата е спроведена во периодот од 27 април до 20 мај годинава.

(МИА)