Граѓаните се жртва секогаш кога институциите не си ја вршат својата работа – Град Скопје и МВР се искараа, кој е надлежен за сообраќајниот хаос во градот? – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/21 1:06 PM

Граѓаните се жртва секогаш кога институциите не си ја вршат својата работа – Град Скопје и МВР се искараа, кој е надлежен за сообраќајниот хаос во градот?

Скопје вчера вечерта го живееше својот хаос. Не постоеше сообраќајница која не беше пренатрупана со возила. Заглавени автобуси, возила на Брза Помош, приватни возила.., колони низ цел град.

Ваквата состојба, која предизвикуваше нервози и кај здравите и кај болните, ги скара Град Скопје и МВР, кои со соопштенија се прозиваа кој е виновен за вчерашниот сообраѓаен хаос, во кој на крајот на краиштата патат само граѓаните.

Најпрво Град Скопје го обвини МВР дека не си ја врши работата како што треба, на што тие одговорија:

– Наместо да бара објаснување од МВР и да ги дезинформира граѓаните со произволни Фејсбук статуси, градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска да почне да си ја врши работата и кога веќе не знае, да научи кои се нејзините надлежности и надлежностите на службите на градот кој таа го управува. Зачудува несериозноста на градоначалничката, која со невидена леснотија за проблеми кои се во нејзина надлежност се обидува вината да ја насочи кон МВР. Со цел да не дозволиме Арсовска да ја лаже јавноста и да бара алиби за своето незнаење во МВР, ја информираме јавноста дека според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата „Надлежен орган за управување и контрола на сообраќајот на крстосниците на подрачјето на град Скопје е град Скопје преку Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС)“, соопштија од МВР.

Во соопштението од МВР понатаму стои и дека:

-Бидејќи службите на град Скопје не си ја завршија работата, односно не можеа да се справат со ситуацијата и беше создаден сообраќаен метеж во Скопје (на што објективно влијаеја и сообраќајната незгода кај ТЦ Мавровка и неколку полесни сообраќајни незгоди, но и зголемената употреба на возила од страна на граѓаните  поради временските услови), а врз основа на член 5 од ЗБСП, СВР Скопје -Единица за  безбедност на сообраќајот на патиштата – Одделение за безбедност на патниот сообраќај постапи со цел да се овозможи поголема проточност на сообраќајот, што и беше направено, односно метежот беше расчистен, велат од МВР.

На ова  Град Скопје реагираше на, како што се вели во соопштението, изнесените невистини во соопштението од страна на Министерството за внатрешни работи и уште еднаш побара одговори за вчерашното исклучување на семафорите од страна на сообраќајната полиција која е под надлежност на МВР и предизвикување на сообраќаен хаос во градот.

-Јасни се надлежностите на Градот и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, кој служи исклучиво за мониторинг на сообраќајот во градот. Градот Скопје ниту има надлежност за регулирање на сообраќај, ниту пак има надлежност во регулирање при сообраќајни несреќи. Денешниот ден е доказ дека граѓаните се жртва секогаш кога институциите, а во случајов МВР не си ја вршат својата работа. Град Скопје тоа нема да го дозволи и ќе бара одговори и одговорност велат од таму.