Струјата ќе поскапи, не се знае за колку, но нема да биде многу-уверува министерот Бесими – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/21 1:38 PM

Струјата ќе поскапи, не се знае за колку, но нема да биде многу-уверува министерот Бесими

Понудата на цената за електрична енергија што АД ЕСМ треба да ја даде на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на сегашната цена на струјата. Ова го изјави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, во одговор на новинарско прашање, додавајќи дека не сака да калкулира со бројки кои треба да ги каже Регулаторната комисија за енергетика.
„Во однос на цената на електричната енергија имаме дадено на ЕСМ скоро пет милијарди денари за обезбедување на дополнителни ресурси за производство на струја или за снабдување со електрична енергија за регулираниот пазар. Како што беше најавено, ќе има понуда од ЕСМ кон универзалниот снабдувач на електрична енергија, која веројатно, според тие проценки, ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената“, рече Бесими по промоцијата на новата кампања „Внеси боја во сивата економија“.
Во однос на инфлацијата, тој рече дека од втората половина на следната година не се очекува да продолжи трендот на раст на цените на глобалниот и на домашниот пазар.
„Ги следиме анализите на светско ниво каде се очекува инфлацијата да се стабилизира од втората половина на идната годината. Нашите проекции се инфлацијата за в година да е 2,4 проценти, а од 2023 година да се стабилизира на 2 процента. МИнатата, 2020 година, ја завршивме со инфлација од три проценти’, изјави Бесими.
Замрзнување на цените на основните прехранбени производи, според него, треба да се гледа како времена мерка.