Една година откако британката Маргарет Кинан прва во светот ја прими Фајзер вакцината – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/21 12:01 PM

Една година откако британката Маргарет Кинан прва во светот ја прими Фајзер вакцината

Велика Британија денеска одбележува една година откако првиот човек во светот, надвор од клиничките испитувања, ја прими вакцината против ковид-19, развиена од Фајзер/БиоНТек, и ги повика луѓето да примат засилувачка доза веднаш штом ќе се укаже можност.
На 8 декември 2020 година, Маргарет Кинан, 90-годишна жена позната на пријателите како Меги, стана првата личност што ја прими вакцината по клиничкото одобрување, опишувајќи ја како „најдоброто нешто што некогаш се случило“.

Сега 91 годишната Кинан од Ковентри, последниов петок на истото место ја прими и третата Фајзер вакцина, на истото место, во Универзитетската болница во градот, каде што беше вакцинирана и првиот пат лани.

Премиерот Борис Џонсон го истакна раниот успех на Велика Британија во вакцинацијата против ковид-19 и рече дека тоа е причината зошто било можно повторно отворање на британската економија во јули.
Тој повика на нова вакцинација како дел од „бустер“ програмата поради загриженоста за варијантата Омикрон, што го принуди повторно да ја воведе обврската за носење маски и ограничувања за патување.
„Од првата доза на вакцина до денешен ден пред една година, нашата одлична вакцинација спаси стотици илјади животи“, наведе Џонсон во соопштението.
„Вакцините остануваат наша прва и најдобра линија на одбрана од вирусот – затоа најдобриот начин да продолжите да се заштитувате себе си и вашите најблиски е да ја поддржите програмата за вакцинација и да земете дополнителна доза веднаш штом ќе се појави прилика“.
Во Велика Британија досега се администрирани вкупно 120 милиони дози вакцини, било како прва, втора доза или како засилувач.
Министерот за здравство Саџид Џавид рече дека засилувачките дози треба да обезбедат добра заштита од сериозна инфекција дури и ако вакцините се помалку ефикасни против Омикрон отколку против претходните варијанти.

фотo: BBC