Стравот и надежта ги има во очите и на пациентот и на лекарот – Д-р Атанас Ѓоргиевски, кардиолог, кој во ек на пандемијата волонтираше на Инфективна во Велес – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/21 7:30 PM

Стравот и надежта ги има во очите и на пациентот и на лекарот – Д-р Атанас Ѓоргиевски, кардиолог, кој во ек на пандемијата волонтираше на Инфективна во Велес

Доктор Атанас Ѓорѓиевски, специјалист кардиолог кој живее во Велес, а работи во ординација во Кавадарци, за време на вториот бран на пандемијата со ковид-19 пред една година, несебично и храбро се понуди да волонтира на Инфективното одделение во Општата болница во Велес.

Тој е еден од најангажираните волонтери во Црвениот крст со кого спроведоа многу акции, меѓу кои и кампањата Мобилен лекар кога за време на првиот бран на пандемијата со својот тим ги посетуваше болните сограѓани од врата до врата, оние на кои навистина им беше потребна помош.

Неговата благородна професија и семејството му се непресушен извор на енергија. Во интервју за ММС  д-р Ѓорѓиевски откри кои биле мотивите да волонтира во ковид-центарот, со што се соочуваат лекарите таму, но и за кардио-васкуларното здравје кое го заборавивме поради стресното секојдневие.

Кога одлучивте дека медицината ќе биде ваша определба и кога сфативте дека кардиологијата ќе биде полето во кое ќе дадете најмногу од себе за медицината и науката?

– Одсекогаш ја сакав медицината, научниот порив, предизвик кој го носи професијата како и големата емпатичност на самата професија беа мотиви кои одсекогаш ме привлекуваа за избор на оваа професија. Но зошто кардиологијата, тоа е една  комплексна, но и истовремено магична област, имено нема поголем адреналин во една медицинска гранка како во кардиологијата , се  се случува во миг и тоа носи многу адреналин.

За време на пандемијата, посебно во првите бранови вие одлучивте да волонтирате на Инфективното одделение во болницата во Велес. Како и зошто одлучивте дека токму таму треба да ја покажете хуманоста?

– Една водечка мотив идеа е токму фактот дека се појави комплетно нов вирус за кој не знаевме ништо и единствено место каде ние лекарите можевме директно да се соочиме со овој нов непријател беа одделите за Инфектологија. Како млад студент додека го спремав мојот испит по Инфектологија одев во одделот за да научам и мислам дека научив многу од прекрасниот тим на докторки инфектолози при велешката болница и бев многу добро прифатен за потоа кога се појави пандемијата да бидам повторно прифатен и како дел од тимот но, и како  лекар кој повторно е спремен да учи за новиот вирус.

Со што се соочува еден лекар кога ќе влезе во соба полна со пациенти во тешка состојба и болни од ковид, може ли човек да ги контролираа емоциите?

– Сликата беше навистина страшна , потсетуваше на сцена од некој филм. Во собите се нашите сограѓани, но и наши роднини и соседи, луѓе со кои се сретнуваме секојдневно на улица. На лицата на сите имаше нешто заедничко – страв за иднината, страв за опстанокот. Но, во нивните очи се гледаше надеж. Тоа е основното човечко чувство , нешто што сите како нишка ги поврзуваше независно од полот, верската или политичката припадност . Таму луѓето се соочуваа со најстрашниот предизвик, а тоа е неизвесноста на животот. Тогаш ја сфаќаме сите својата ранливост и својата слабост. Навистина е невозможно да се контролираат емоциите. Вие кога ќе влезете во тој оддел независно како пациент или како медицински персонал станувате дел од тој филм и од таа  приказна, вие сте еден од сите кои имаат и страв, но и надеж. Навистина тешко чувство.

Две години од пандемијата, а некои луѓе, судејќи по објавите на социјалните мрежи тешко веруваат во постоењето на коронавирусот, а уште потешко дека постојат лекари кои дадоа се од себе да спасат што повеќе пациенти. Влијае ли тој притисок врз лекарот?

– Навистина е депримирачки фактот дека одредени луѓе сметаат дека не постои коронавирус. Тоа е навредливо за сите жртви на вирусот, навредливо за сите кои изгубија близок. Во одделот имаше доста луѓе кои беа хоспитализирани кои претходно тврдеа дека тоа е теорија на заговор, масонски ложи, но кога на своја кожа ја почувствуваа суровоста на вирусот радикално го сменија својот поглед.

Како дел од Црвен Крст бевте дел од тимот Мобилен лекар за време на рестриктивните мерки кога граѓаните, посебно постарите ретко ги напуштаа своите домови. Успеавте ли да им дадете помош на сите на кои им беше потребна? 

– Акцијата која ја спроведе Црвениот крст Велес беше прва и единствена таква акција со што го издвои нашиот огранок и беше високо и пофален и означен поради овие гестови на волонтеризмот. По завршувањето на моите работни обврски во мојата амбуланта попладне со возило на Црвениот крст бесплатно посетивме многу семејства граѓани кои имаа потреба од кардиолошки прегледи а поради пандемијата не беа во можност. Во тој период навистина напорен со премногу работни часови посетивме и дававме терапија на многу граѓани во градот, со тоа помагавме на здравствениот систем, овие пациенти да не доаѓаат на контролни и вонредни прегледи во болниците и клиниките, а сепак да добијат кардиолошки преглед.

Која е првата реакција на луѓето, посебно во ретките населени места кога ќе ги посети лекар?

– Луѓето беа навистина благодарни и навистина искрено со насмевка се заблагодаруваа, тоа е најголемиот потик и мотив кој може да го добиете, искрено некои работи се бесценети.

Зборуваме за пандемијата, а заборавивме на другите болести. Никој не зборува за срцевата слабост, за тоа дека границата на срцеви заболувања е намалена и дека се помлади луѓе се соочуваат со кардио-васкуларни проблеми. На што се должи тоа?

– Начинот на живот, транзицискиот период во нашата земја донесе многу голема нестабилност која се одрази на целокупното здравје на луѓето и психичкиот стрес, со тоа денес имаме многу пациенти со покачен крвен притисок. Осиромашувањето на нашата економија го хендикепира здравствениот систем и ги намали дијагностичките капацитети што донесе многу заболувања да ги дијагностицираме во задоцнета форма.  Се помлади и помлади луѓе имаат кардио-васкуларни проблеми како последица на лошата исхрана и стресниот начин на поставеноста на работните односи кај населението.

Живееме во стресна околина, имаме многу проблеми, лош квалитет на живот. Тоа влијае врз нашето здравје и посебно врз срцето. Ние сме активни, но не како што бара нашето срце, што треба да правиме?

– Најнапред мораме да започнеме со редовна спортска активност. Европското Кардиолошко  Здружение советува најмалку 150 минути неделно физичка активност. Но, тоа подразбира активна физичка активност со потење. Често млади луѓе користат изговор дека имаат физичка активност и пешачат по 45 минути но тоа ни од околу не е доволно за еден млад и здрав организам да остане здрав, неопходна е физичка активност во која ќе се троши енергија и ќе има напор за телото. Во нашата земја како и во светот е во пораст покачената телесна маса и се повеќе гледаме обезни луѓе низ улиците на градот. Тие се потенцијални кардиолошки пациенти, па кога ќе се зврши пандемијата со корона вирусот ќе се справуваме со пандемијата на обезноста.

Во која доба од животот треба да почнеме сериозно да се посветиме на кардио-васкуларното здравје?

– Правата доба е детството. Ако ние успееме да ги воспитаме нашите деца на редовни спортски навики, на здрава исхрана тие ќе израснат во здрави индивидуи со кои многу е полесно да се превенираат заболувањата отколку да се третираат.

На срцето понекогаш му треба одмор. Каков е вашиот одмор и како се ослободувате од стресот?

– Одморот е кога ќе се посветите на нешто што ви прави задоволство , што ви дава причина за да продолжите со предизвиците. Патувањето и осознавањето на новите култури дава снага и сила да се продолжи.  Како издувен вентил, како место каде се ослободувам од стресот и емоциите кои нашата професија ги дава е јавањето  коњи, член сум на коњичкиот клубот Анималс и уживам во коњите. Како  човек кој ја обожува уметноста сум чест гостин на галериите и музеите . Сметам дека најблиски по сензитивност на лекарите се токму уметниците, тие исто како лекарите доживуваат, преживуваат и пренесуваат човечки судбини и емоции , токму затоа лекарите имаат толку заеднички јазик со уметниците. Неретко и дел од моите колеги се занимават со некој вид на уметност. Активно членувам во здружението МАСОМ македонската асоцијација на сомелиери и често ги посетувам бројните едукации од винските сорти и начинот на уживање винската култура, како сервирањето на виното но и дегустирањето на истото. Јас сум хедонист кој ужива во дегустацијата на виното и сознавањето на скриените вкусови кои една чаша вино ги има во себе. Обожавам често да ја читам книгата „Мајсторот и Маргарита“ и се обидувам  да ја сфатам нејзината тежина и моќ.

Вашата сопруга е гинеколог и има своја ординација. Како минува еден ден во домот на гинеколог и кардиолог, кој е повеќе во право?

– Навистина тешко прашање, кога во домот ќе се судрат гинеколог и кардиолог во ,,право,, е скоро секогаш психијатарот.

Орце Костов

фото: Приватна архива