Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел. Тој денеска ќе се сретне со заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемолер. На средбата е предвидено двајцата соговорници да разменат информации за актуелната соработка меѓу Република Македонија и НАТО, како и подготовките што ги презема Република Македонија во рамките на пристапниот процес за членство на земјата во Алијансата, соопштија од МНР.
Димитров утре ќе се обрати пред Комитетот за надворешни работи во Европскиот Парламент (AFET), при што ќе информира за актуелните подготовки за одржување на референдумот, текот на имплементација на клучните реформи во земјата од страна на Владата на Република Македонија и подготовките за скрининг процесот со Европската комисија, со цел на краток рок да се отвори патот за отпочнување на пристапните преговори.
Комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент e работно тело на Европскиот парламент во кое членуваат претставници од различни парламентарни групи застапени во Европскиот Парламент.
Предвидено е министерот Димитров да се сретне и со пратеници од Европскиот Парламент.