Вработените во Јавното претпријатие Тетово Транспорт биле вработени во Општина Тетово, не земале придонеси, а претпријатието работеле со голем број неправилности, и затоа јавниот превоз привремено ќе биде прекинат, соопштија општинските власти.
-Ова одлука доаѓа за да не се оштети уште повеќе џебот на граѓанинот и за неконтролираните трошоци во ова претпријатие. Ваквата состојба ќе трае се додека не заврши конечното скенирање на состојбите создадени во ова претпријатие од претходните раководни структури, додадоа од претпријатието од каде соопштија дека е назначен нов в.д директот на ЈП Тетово Транспорт, Рафиз Мејдија.
За колку вработени станува збор, што понатака со нивниот статус, од Општина Тетово не добивме одговор.
Јавниот превоз во Тетово никако да профункциоира како што треба. Повеќе од една деценија поранешните градски власти ветуваа дека ќе воведат јавен транспорт. Пред истекувањето на мандатот, беа пуштени во употреба 5 градски автобуси, но без прецизно време за сообраќајни линии, на почеток и без билети и со узурпиран сообраќај од непрописно паркирани возила. На булеварите беше проодна една сообраќајна лента. Па ,така за поминати пет километри со градски автобус поминуваа и над 40 минути.
Сега новата градска власт го прекина, но без конкретни детали кога ќе стартува повторно и која ќе биде промената во функционирањето на јавниот превоз.
Неодамна беше укинато и зонското паркирање од новата градска власт, со слично образложени како и за јавниот превоз. Но, пред неколку дена зонското повторно е во фунцкија и се наплаќа, а од тоа што се гледа на терен нема некои измени, се е исто како што беше.
Нефункционалноста на јавниот превоз, узурпираните сообраќајници како и немањето на доволен број паркинг места, доведува до тотален сообраќаен хаос и колапс на улиците и булеварите. Нервозни возачи, свирежи од автомобилите е вообичаена слика.
Низ главните булевари функционира само една сообраќајна лента, на останатите две се паркираат или се оставаат возилата привремено. Поради малата сообраќајна инфраструктура и големата бројка на возила делниците се речиси блокирани.
Сообраќајните експерти пак сметаат дека решението за овој проблем не е само воведување на јавен превоз кој може само да го ублажи хаосот. Потребно е да се воведе и друга сообраќајна инфраструктура која Тетово ја нема.
-Добро е да имаме градски превоз во Тетово, но тој треба да се воведе ако претходно се направи добра анализа и пресметка дали со овој превоз ќе се намали хаосот или дополнително ќе зголеми Јас тука ќе потенцирам друга работа. Ако знаеме дека градот по должина е мал, тогаш мора да се размислува да се воведат повеќе пешачки патеки и да ги натераме граѓаните да пешачат и така ќе се намали сообраќајниот метеж. Исто така добра работа е да се воведат велосипедски патеки, градот е рамен и е одличен за користење на велосипеди, само така може да го решиме проблемот со сообраќајниот хаос, вели Зоран Ѓорѓески професор по стручни предмети.
Но засега во Тетово функционира само една велосипедска патека, оти втората долж булеварот Илиндеска новата градска власт ја острани, со образложение дека била незаконски поставена, а за нејзино остранување имало и решение од Основниот суд Тетово.
Проценките се дека во Тетово има над 60 000 возила , но и покрај големиот број гужви кои ги создаваат возила, градот нема обиколница, тој е без довршени булевари и со тесни улици и сокаци.