„Торонто експрес“ е урнебесна комедија, чија премиера е закажана за 15 декември. Денес со кратка сцена во МНТ, која ја играше актерот Александар Микиќ, беше најавена премиерата на претставата, која е работена по збирката есеи „Тибам штркот“ на авторот Зоран Спасов Ѕоф.Александар Микиќ го глуми главниот лик Божо Вампир. Режисер на комедијата е актерот Јордан Симонов.
-Работевме напорно на претставата и уште не ми се верува дека дојдовме до премиерата. Но ова немаше да биде возможно без тројцата луѓе што ме поддржуваа од првиот момент, Јордан, Александар и Благоја Бошковски, кој работеше на адаптацијата на сценариото. Целата приказна што ќе ја видите во „Торонто експрес“ е вистинска и ми се случила на мене или на луѓе што ги познавам, рече авторот Зоран Спасов Ѕоф.
Освен премиерата на претставата, тој ја најави и промоцијата на книгата „Тибам штркот- апдејт“ .
„Книгата не е иста со претставата. Некои делови од оваа книга се вметнати во „Торонто експрес“, а во претставата има работи што ги нема во ниедна од книгите, рече Ѕоф.
„Торонто експрес“ ја раскажува реалноста за иселениците, дава одговор на прашањето зошто луѓето бегаат од Македонија, а сето тоа преку ликот на Божо Вампир, иселеник кој по долги години од Канада доаѓа во Македонија.Тој треба да му заврши работа на зетот и неговата агенција за иселеници, иако нема ни грам искуство. Комичните ситуации во кои се наоѓа Божо Вампир, на сцената ги пренесува актерот Александар Микиќ.
-Се фокусираме на проблемот зошто луѓето си одат од Македонија, што ги тера да побегнат од тука. И мислам дека со приказната за Канада станува комплетно јасно зашто луѓето ни бегаат“, рече главниот глумец.
„Со Микиќ се дружиме 35 години. Ми даде да ја прочитам ‘Тибам штркот’ ми ја раскажа неговата визија за книгата и знаев дека од ова може да се направи одлична претстава што ќе се игра долги години на сцената на МНТ“, вели режисерот Симонов.