Златното грло Наум Петрески денес слави двоен јубилеј, 35 години на естрадата и 55 роденден.
„Супер се чувствувам“ вели тој и додава дека ова се убави бројки за човек, кому музиката му е во срце и кој живее со песната. Наум вели дека не го плаши староста и дека родендените треба да се множат, а не од бројќите да се плашат. Затоа, во таа чест, вечерва на настап сам си го честиташе роденденот со неговата автобиографска песна „Што ќе ти е бекрија“.
А славењето почна уште утрово, со најубави желби од семејството.
-Супер се чувствувам со две петки. Штом се разбудив сабајле значи добро е. Зошто? Имам другар кој ми рече дека кога човек ќе наполни 50 години и кога наутро ќе се разбуди ако не го боли ништо значи дека умрел. Хахахахах… А јас утрово кога станав со моите 55 години ме болеше вратот, некако лошо сум спиел. Прво го искрцкав вратот, па потоа на ред беа таблетките за притисок, за желудник и шеќер, па пиев кафе со една цигара, бидејќи сега ги оставам цигарите, не пушам многу. Потоа јадев комад со праз, многу убав, ми го направила мајка ми за роденден. Ете така некако утрото славенички тргна. Попладнето тргнав на пеење и еве славам со друштво во кафеана, за да колку толку личи на журките од времето што сме ги правеле кога немаше никакви забрани, вели тој.
Наум не сака да размислува дека доаѓа старост и дека со секој нареден роденден треба да мисли- остаравме. Вели родендените не ги чувствува како старост?
-Ма не. Јас откако сум роден сум подготвен дека еден ден ќе умрам. Па тоа се знае, нема тука филозофија. Е сега кој порано кој подоцна, кому како му е судено. Зошто да се плашам од старост, немам потреба. Само велам да нема тешки болести и залегнување на кревет. Туку да биде брзо. Смртта ама ич не ме плаши, уште помалку староста. Па како да се плашам од старост кога се чувствувам како да имам 18 години? Зеленика сум. За стрелци нема старост, вели тој и додава:
-Животот не треба да се сваќа сериозно иако не можеш да го поминеш на трчање. Сепак, има обврски. Сметам дека серозност треба само кон семејство, за деца, да им се помогне, да се насочат на вистинска пат, да им се обезбеди кров над глава, колку може, донекаде. Тука мора сериозност, само околу семејството. Инаку, за друго нема сериозност. Животот треба да се помине што полефтерно, побезгрижно. Зошто? Па, пари никогаш доста. Тие што трчаа по пари, што направија милијарди лежат по затвори, па ги пцујат, ги колнат… За разлика од нив јас денес имам милион ама пораки за роденден. Три пати ми се испразни телефонот од што сакам на сите да им се заблагодарам што оделиле од своето време за да помислат на мене. Јас верувам дека ниеден од сите овие политичари нема толку пораки за роденден. И тоа ме исполнува, полна душа со убава енергија. Сите што ме почитуваат нашле време да пуштат честитка, а тоа е голема работа, вели расположено Наум.
Тој е познат не само по големи журки за родендени, имендени и слави, но и по убави големи концерти. Се уште се памети концертот во „Метрополис Арена“ по повод 30 годишниот јубилеј. Тоа, вели Наум, се плановите за идната година, но дали ќе се остварат се зависи од состојбата со пандемијата.
-Идната година, ако приликите тоа го дозволуваат ќе се прослави. Имам доста нови песни, некои се веќе готови, на некои уште малку им треба, па ќе видиме. Не верувам дека ќе биде цел албум, туку некое издание, колку да ги има песните со запис. Ако пандемијата дозволи можно е и концерти неколку да се направат, или еден голем солистички. Но, времето е никакво и не може ништо да се планира, вели тој.
(В.М.)