Раст од 3 отсто на БДП во третиот квартал, објави ДЗС – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/21 3:42 PM

Раст од 3 отсто на БДП во третиот квартал, објави ДЗС

Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во третиот квартал годинава изнесува три проценти, објави Државниот завод за статистика. Најголем пораст од 11 проценти е забележан во секторите: Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна. За 2,6 проценти имало пораст во секторите: Стручни, научни и технички дејности и друго.

Пад од 4,5 проценти регистрирале секторите: Рударство и вадење на камен; Преработувачка индустрија; Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; Снабдување со вода; отстранување на отпадни води..потоа пад од 1,8 проценти имало во Финансиски дејности и дејности на осигурување, од 1,5 проценти во Градежништво, од 0,7 проценти Информации и комуникации.

Финалната потрошувачка на домаќинствата во третото тримесечје номинално расте за 4,8 проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 64,8 проценти. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 16 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа пораст во номинален износ од 15,2 проценти.

Стапката на раст на БДП во вториот квартал годинава изнесуваше 13,1 процент, а во првиот квартал минус 1,9 проценти.