Политички флоскули за формата, а не за содржината, не ги интересираат граѓаните, туку решавање на системската корупција во патничкиот транспорт. Ова е заклучок од дебатата за ризиците од корупција во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата на која учествуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, вршителката на должност директор на Царинската управа, Славица Кутиров, директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, претставници на правдата, транспортот и медиумите.
– Работиме да го подобриме системот на транспортот. Во моментов постои огромна збунетост кај граѓаните кои институции и какви ингеренции имаат во областа на транспортот. Наш приоритет е борбата против корупцијата во сите сектори и таа е главна причина за недоверба на граѓаните кон институциите.
Имаме развиен и силен систем на транспорт на стоки кој е креиран да врши правична распределба на дозволите. Но, во делот на превоз на патници, немаме електронски систем. Целата постапка се одвива во патниот сектор и овластени службени лица ја водат постапката за лиценци и доказите физички се прибавуваат од превозникот. Отворени сме за соработка, превозниците знаат каде се нашите слабости каде треба да се подобриме, но и здруженијата исто така – истакна министерот Бочварски.
Поранешниот судија, сега адвокат, Владимир Туфегџиќ смета дека во транспортот има системска корупција во која се опфатени многу лица од надвор и лица вработени во институциите со цел да остварат материјална противправна добивка.
– Во конкретниот случај со автобуската несреќа се работи за системски пропуст. Тие луѓе извонредно добро ги анализирале постоечките закони кои се одлични како Законот за превоз на патници во сообраќајот. И се што прават е со смислен ризик на што помала последица и се да се сведе на прекршочна одговорност.
За случајот со несреќата очиглендо се работи за пасивен надзор и пропуштање. Од државните претставници слушнавме само за формата, а не за суштината.
Еве го примерот за Тетово кое остана без јавен превоз и за тоа треба да отвориме тема. Се друго се политички флоскули кои не ги интересираат обичните граѓани.
Управителот на СИЗ Македонски сообраќај АМЕРИТ, Лефтер Андонов беше уште поконкретен во однос на патничкиот превоз. Тој рече дека не е можно да се суспендираат двајца цариници кои случајно се погодиле на смена додека минувал автобусот на „Беса Транс“ кој немал извод од лиценца за превоз, а претходно повеќе од 130 пати истото возило ја поминало границата без главниот документ.
– Месечно ни испаѓаат од државата 168 возила без никаква лиценца, без разлика дали се работи за минибус или комбе, тоа се 168 непријавени возачи, тоа се 168 неплатени придонеси и 168 здравствени осигурувања. Овие случаи се во 2020 година. Инспекцијата дава ефект ако се излезе на терен, но инспекторот не може секојдневно да оди на граница. Системот дозволува некој така да се однесува. Кога инспекторот оди таму, дивите превозници ги нема затоа што некој им дојавил.
Се уште возат овие возила, а царината која е таму постојано ги пропушта. Се случува со странски таблички, најчесто со бугарски, да возат македонски патници и еден возач да вози 30 часа до Германија. Ние кои поседуваме лиценци и линии за вршење меѓународен превоз на патници, мора да пуштиме неколку возачи за да го почитуваме работното време. Во принцип сите имаме вина. Испаѓаме со бројки дека институциите не контролираат нас што поседуваме лиценци. Кога се случи несреќата не носеа нас на вонреден технички преглед, а не дивите превозници затоа што тој ден не возеа. Не може никој да ме убеди дека може да дозволиме сива економија да ни биде толку развиена. Губиме сите така. Јас не можам конкурентен да бидам со него по цена. Не треба да одиме со празни флоскули дека сме правеле контроли. Доколку сака да стави државата ред, може тоа многу лесно да го направи – рече Андонов.
За поголема ефикасност во извршувањето на инспекциските надзори, потенцира директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини, потребно е зајакнување на капацитетите на инцеспекциските служби, особено на Државниот инспекторат за транспорт. Тој посочи дека надлежните раководители за нив немаат можност и пристап да ги контролираат инспекторите за време на извршувањето на инспекциските надзори.
– Најголем проблем имаме со патничкиот превоз. Најчесто во меѓународниот превоз има проблеми и треба најмногу да се внимава и повеќе да се врат надзори и во Министерството да се види како се издаваат дозволите, кои се издаваат и на тој начин да се намали бројот на прекршоци што се прават од стрнана на превозниците, појасни директорот Хусаеини.
Информира дека Државиот инспекторат за транспорт во првото полугодие во 2020 година има извршено вкупно две илјади надзори, 1.500 редовни, 300 вонредни надзори и 213 контролни. Од сите надзори, откриени се 716 неправилности.
Орце Костов
фото: МИА, АМЕРИТ, МВР