ИЈЗ: Минатата недела за 30,6 отсто помалку смртни случаи од ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/21 3:21 PM

ИЈЗ: Минатата недела за 30,6 отсто помалку смртни случаи од ковид-19

Во периодот од 29 ноември до 5 декември тестирани се вкупно 16.948 материјали на SARS-CoV-2, што е намалување за 9,8 отсто во однос на една недела претходно. Регистрирани сe 2.275 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што е за 17,3 отсто поалку во однос на една седмица претходно, соопшти Институтот за јавно здравје, ИЈЗ. Процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 19 отсто, просечно 13,1 отсто.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.000; 43,9 отсто), со неделна инциденца – 157,7/100.000. Највисока неделна инциденца имало во Берово 324,6/100.000, се наведува во извештајот на ИЈЗ. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група од над 60 (n=521, 22,9 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=92; четири отсто). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи. Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.215 (53,4 отсто) лица од женски и 1.060 (46,6 отсто) од машки пол.
Со статус „оздравени“ се стекнале 2.540 лица кои биле хоспитализирани или на домашно
лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 40 реинфекции, со намалување од 9,1 отсто во
однос на претходната недела. Пријавени се 68 смртни случаи во 18 градови, 30,6 отсто помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (27). Во однос на возраста, најголем број (n=54; 79,4 отсто) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50 до 59 години (10), од 40 до 49 години (1) и од 30 до 39 години (3).