Во полошко полицијата за шест месеци открила 1.118 возачи без дозвола – ММС
ММС

Објавено на: 08/28/18 7:58 AM

Во полошко полицијата за шест месеци открила 1.118 возачи без дозвола

Полицијата на тетовското подрачје во првите шест месеци од годинава открила 597 возачи без положен возачки испит и валидна дозвола. Бројката на вакви „диви“ возачи фатени во гостиварско во истиот период изнесува 521 – соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Според него, главно станува збор за лица кои управувале патнички возила, мотоцикли, а неретко се среќаваат зад волан и на комбиња, камиони, па дури и на автобуси. Најголем број од овие лица, појасни, се на возраст од 17 до 30 години од кои не мал број годинава биле и непосредни учесници во сообраќајни несреќи меѓу кои и со посериозни, смртни последици.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (член 225) за прекршокот управување без возачка дозвола предвидена е парична глоба од 300 евра во денарска противвредност, а исто толку изнесува и глобата за лицата кои ќе ги дадат на користење возилата на тие кои не поседуваат возачка дозвола.