Не само малите партии, во оваа коалиција незадоволни се сите, па и тие во СДСМ, изјави денес во Штип, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ,Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање , дали незадоволството на ДОМ, ЛДП и Партијата на турците, ќе се искористи како шанса за ново парламентарно мнозинство.
Всушност Мицкоски не одговори конкретно на оваа прашање.
„Во разговори со мене , сите се незадоволни. Само не знам кој е задоволен, па и тие во СДСМ, меѓусебе изразуваат незадоволство. Пластелин коалиција, само неколку недели да биде продолжениот век на траење на неколкумина од врхушката на СДСМ и последен обид во режија на СДСМ да се доуништи она што вреди,“ рече Мицкоски.
Тој го демантира лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов дека во преговорите за формирање на ново парламентарно мнозинство се разговарало само со албанските партии.
„Таа информација не е точна. Можеби се чувствува запоставено, но еве нека ги праша останатите од коалиционите партнери. Можеби со Павле Трајанов не е зборувано, зошто се смета за еден од последните верни бастиони на СДСМ и Зоран Заев,“ додаде Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денес беше во посета на Штип и присуствуваше на средба со штипските бизнисмени. На оваа средба беше формиран економски совет, кој што треба да биде спрега за соработка меѓу општината и стопанствениците.