Француската „Акио Eнерџи“ најави дека ќе го гради соларниот парк „Стипион“, еден од најголемите во Европа – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/21 1:23 PM

Француската „Акио Eнерџи“ најави дека ќе го гради соларниот парк „Стипион“, еден од најголемите во Европа

Северна Македонија ќе добие соларен парк, еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 360 до 400 мегавати. Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен. Како што најави премиерот Зоран Заев, соларниот  парк „Стипион“ ќе се гради во текот на 2022 година на локација предвидена за карго аеродромот во Штип на површина од 452 хектари.

-„Акио Енерџи“ со изградба на Соларниот Парк „Стипион“, како и германската „Ви-Пи-Ди“ која вложува во новиот ветерен парк „Вирови“, ќе дадат нов стимул на нашата економија, со ангажирање на домашна работна сила, млади кадри кои својата иднина ја гледаат во ваквите современи компании“, рече Заев.

Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција, истакна дека оваа инвестицијата е најголемата француска инвестиција во земјата во последните петнаесетина години и додаде дека десетина француски компании, секоја од нив меѓународно позната, во моментот работат на своето позиционирање на македонскиот пазар.

Ерик Ското, претседател на компанијата „Акио Енерџи“ од Франција истакна дека проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра во пределот на општините Штип и Свети Николе.

„Голема чест е за „Акио Eнерџи“ што го помина процесот на селекција и што му беше доделен статус на стратешка инвестиција. Ова е всушност уште една демонстрација на силната врска меѓу Северна Македонија и Франција. Ќе работиме со сите релевантни чинители за да го изградиме најдобриот соларен проект на услуга на вашите граѓани. Како резултат на оваа инвестиција во земјава се инјектираат 620 гигават-часови чиста енергија, заштедени се 380.000 тони CO2 годишно, а ќе се обезбедат над 94.000 домаќинства со чиста енергија. Дополнително креираме вработувања за локалното население“, рече Ското.

„Акио Енерџи“ основана е во 2007 година и е водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција. Располагаат со портфолио од над 1.100 MW на електрани од обновливи извори, главно фотонапонски електрани низ целиот свет.