На бесплатниот број 191 граѓаните можат да пријават ако забележат зголемување на цените на „замрзнатите“ производи, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој ги повика граѓаните на овој број на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) да ги пријават случаите на драстично зголемени цени на основни прехранбени производи.
„На оваа бесплатна телефонска линија сите граѓани можат да пријават неправилности кај трговците кои што не ја почитуваат Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи“, напиша на својот Фејсбук профил министерот Бектеши.
Како што информираше тој, според оваа Одлука објавена во Службен весник, започнувајќи од 06.12.2021 година се замрзнуваат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто, свежо месо и сувомеснати производи и сирење и урда. Оваа одлука, потсети Бектеши на ФБ, ќе важи до 31 јануари 2022 година.
Објавено на: 12/7/21 1:03 PM