„Метастазите беа скоро исчистени, но мали келии се пробија во мозокот“ – Композиторот Тоде Новачевски со оптимизам и надеж поминува низ лечењето со канцерот – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/21 9:22 AM

„Метастазите беа скоро исчистени, но мали келии се пробија во мозокот“ – Композиторот Тоде Новачевски со оптимизам и надеж поминува низ лечењето со канцерот

Познатиот композитор, Тоде Новачевски, кој долги години живее во Австралија, извесно време се бори со ракот. Тој и досега во медиумите зборуваше за своите здравствени проблеми, но на својот Фејсбук профил реши да ја сподели состојбата во која сега се наоѓа, а која воопшто не е лесна.

-По околу 2.5 години хемо и радио терапии, резултатите од моите снимки, пред само два месеци беа фантастични. Метастазите на ракот на крвта, белите дробови и сплината беа скоро исчистени. И во периодот кога бев најрадосен и наспокоен, ненадејно ми се случи „вертиго“ предизвикано од мали келии на ракот, кои се пробија и влегоа во мозокот. Иако ваквата појава не мора да значи катастрофа, симптомите се права мизерија во која организмот се тресе до степен на нестабилност, губење на рамнотежа и енергија. Состојба во која се губи контрола на делови од телото, во мојот случај левата страна. Оваа состојба не дозволува одмор, мир и спиење и ако навремено не се реагира може да предизвика удари и изливи во виталните органи. Ете до каде драги мои пријатели стасав јас пред две-три недели ама позитивен и со верба дека и низ оваа беља ќе поминувам со надеж и со оптимизам, како и досега, напиша Тоде.

Тоде има напишано многу познати хитови, од кои некои се веќе македонски евергрини. Меѓу нив најпознати се песните на некогашното дуо Маријана и Росана.

Тој беше во брак со Маријана, со која имаат две деца, а од пред една година добија внука.

Тоде доби многу пораки за што побрзо надминување на здравствените проблеми.

ММС му посакува што побргу да оздрави.

Фото: Фејсбук