Од наредната година ЕСМ ќе му ја продава на ЕВН Хоум целата произведена струја, вети директорот Ковачевски – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/21 3:12 PM

Од наредната година ЕСМ ќе му ја продава на ЕВН Хоум целата произведена струја, вети директорот Ковачевски

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, денеска изјави дека компанијата ги направи сите подготовки за план за производство, финансии и јавни набавки за 2022 година, од што произлезе табела со цени кои се доставени до Владата. На затворена седница треба да се донесе одлука за препорачаната цена за количините на енергија кои АД ЕСМ ќе ги испорачува до ЕВН ХОУМ за малите потрошувачи и домаќинствата.

„Законска обврска со Договорот за либерализација е дека во 2022 задолжително треба да ги снабдуваме со минимум 60 отсто од произведената енергија, но ние донесовме одлука да испорачуваме 100 проценти енергија кон ЕВН Хоум во наредната година. Тоа значи дека оваа компанија нема да набавува дополнителни количества струја кои на странските берза се со многу повисоки цени. Така, нашата компанија и натаму ќе остане стабилизатор на цената на струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи. Очекуваме во наредните денови Владата да донесе таква одлука, да препорача цена, и веќе до 9 декември до кога е отворениот повик на ЕВН Хоум да доставиме официјална понуда и да почнеме подготовки за реализација на планот за 2022 година“, изјави Ковачевски.

Тој дополни дека компанијата, како најголем производител на електрична енергија во државна сопственост, ги прави сите напори, сите нивни сопствени капацитети да ги стави во функцција за оваа грејна сезона.

Ковачевски истакна дека се направија подготовки, ТЕЦ Неготино да се стави во функција и се очекува испораката на мазут за кој се потпиша договор за 38.000 тони мазут, што ќе биде доволен а производство на струја до средината на јануари. До крајот на годината ќе биде ставен во функција и третиот блок на РЕК Битола, за што, како што рече Ковачевски, во тек се завршните подготовки на транформаторот кои течат побрзо отколку што предвидоа, дека ќе траат од половина до една година. Изминатите денови е ставен во функција и РЕК Осломеј.

(М.Б.)