САД работат на тоа брзо да не интегрираат во ЕУ, рече помошникот државен секретар Габриел Ескобар на средбата со Османи – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/21 11:29 AM

САД работат на тоа брзо да не интегрираат во ЕУ, рече помошникот државен секретар Габриел Ескобар на средбата со Османи

САД изразуваат силна поддршка за брза европска интеграција на Северна Македонија и работиме со нашите европски партнери да обезбедиме тоа да се случи што е можно најбрзо, изјави денеска американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, кој е во официјалната посета на земјава на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

– Северна Македонија е дел од Европа, културно, историски и економски дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да се покаже флексибилност во процесот на европски интеграции, како и продолжување на рефомскиот процес за тоа да стане реалност, рече Ескобар.

Шефот на дипломатијата истакна дека европската перспектива на Западен Балкан е најсигурна инвестиција во регионот.

– Нема сомнение дека европската перспектива на Западен Балкан е најсигурна инвестиција во стабилноста на регионот. Сега е моментот ЕУ да започне преговори со Северна Македонија. Тоа ќе биде голема потврда за нас да останеме посветени на демократските реформи и да ја забрзаме нашата европска интеграција, истакна Османи.

САД, додаде Османи, одиграа клучна улога во постигнување на долгорочна стабилност, демократизација и просперитетна Северна Македонија, но и целиот регион.

– САД биле со нас и не поддржувале и во добро и во лошо. Во моменти на големи искушенија и кризи ни помогнале да останеме на вистинскиот пат посветени на нашите заеднички евроатлантски вредности. Заедно успеавме да ја трансформираме нашата држава, да ја зајакнеме демократијата, да ги подобриме односите со соседите и да ја зголемиме регионалната соработка, истакна Османи.