Алтернатива на Гаши е гарант дека струјата нема да поскапе повеќе од 20% во 2022 година, новата Влада ќе го штити населението – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/21 2:08 PM

Алтернатива на Гаши е гарант дека струјата нема да поскапе повеќе од 20% во 2022 година, новата Влада ќе го штити населението

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши денеска во Клубот на пратениците ја потпишаa програмата за заедничко дејствување и приклучување на партијата во Владата и парламентарното мнозинство со која земјава излезе од политичката криза, како што тврдат двајцата.

Премиерот Зоран Заев рече дека постигнале договор со Алтернатива за Влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година со амбиции и да продолжи.

Постигнатиот договор, потенцира Заев, е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија, справување со КОВИД -19 пандемијата и глобалната енергетска криза.

Алтернатива ја презема одговорноста со свои кадри и од своите редови ќе назначи министер за здравство, министер за ИОА и министер без рестор задолжен за дијаспората. Владата, како што рече, ќе воведе неколку министри без ресор, со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици.

Од страна на Алтернатива ќе бидат назначени и три заменици-министри, од кои еден во МОН, еден во Министерството за култура, а за третиот ресор останува дополнително да се прецизира, иако било разговарано за заменик министер за земјоделство.

Алтернатива ќе преземе одговорност и во менаџирањето на управувачките раководните органи во повеќе институции на централно и на подрачно ниво. Меѓу нив од поважните се МЕПСО, ФЗОМ, Железници и Транспорт, Клинички центар – Тетово, Агенција за странски инвестиции и други.

– Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир, беше кажано на прес-конференцијата.

Во договорот со Алтернатива стои и дека Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20 проценти во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.

Владата ќе работи и на зголемување на квалитетот, ефикасноста и експедитивноста на испораката на услуги кон граѓаните и на реализацијата на проекти на сите нивоа, преку зголемување на нивото на одговорност кое носителите на јавни функции и државните службеници го преземаат пред граѓаните.

фото: Влада.мк