Пекол на земјата: Мајки ги молат лекарите да ги убијат нив и нивните деца – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/21 12:58 PM

Пекол на земјата: Мајки ги молат лекарите да ги убијат нив и нивните деца

Лекарите во болниците кои се погодени од кризата во Авганистан, од кои многумина работат без плата, за светскиот сервис Би-Би-Си зборуваат за продлабочувањето на хуманитарната криза во земјата. Ситуацијата е тешка, посебно кога се децата во прашање, а многу од нив гладуваат.

– Не знам како можам да останам жива. Како да родам уште едно човечко суштество – истакна млада мајка молејќи ја докторката да ја убие неа и нејзиното бебе.

Доктор Нури, акушерка од централен Авганистан се подготвувала да породи млада жена со царски рез, а потоа емотивно се скршила.

Жените на одделението на д-р Нури се толку неухранети што знаат дека веројатно ќе немаат доволно млеко да ги нахранат своите деца. Докторката вели дека одделенијата се претрупани, дека мора да гази покрај родилки притиснати до ѕидовите измачкани со крв, пренесува Би-Би-Си.

Чистачките ја напуштиле болницата пред неколку месеци затоа што не сакале да работат без пари. Во породилиштето е гужва и понекогаш неколку жени спијат на еден кревет.

– Ова одделение во светот е едно од најсреќните, но во Авганистан не е повеќе така – вели докторката и додава дека за само две недели во септември гледала како пет новородени бебиња умреле од глад.

– Ова е како во пеколот. Наскоро ќе немаме ниту доволно вода за пиење. Кога жените ќе ја напуштат болницата со своите бебиња размислувам многу за нив. Тие немаат пари, не можат да си дозволат храна. Дури ни јас немам доволно храна да јадам. Не можам да си дозволам храна и скоро цела заштеда ја потрошив. Не знам зошто уште доаѓам на работа. Секое утро си го поставувам ова прашање. Но, можеби се уште се надевам на подобра иднина – рече доктор Нури.

Авганистан се соочува со најголемата криза со глад досега, велат новите податоци на Обединетите нации. Се очекува оваа зима 14 милиони деца да патат од акутно ниво на неухранетост, пренесе Би-Би-Си.

На фотографиите кои можат да се најдат во светските медиуми прикажани се деца од Авганистан кои гладуваат и тие слики се навистина потресни за гледање.

Ширум земјата болниците кои ги лечат гладните се пред колапс и не можат да обезбедат основни лекови како што е парацетамолот за тешко болните кои пешачат и по 12 часа за да стигнат до болниците.

Во главниот град Кабул, детската болница работи со 150% од капацитетот, а зголемен е бројот на смртни случаи откако талибанската власт го намали финансирањето во здравството. Четири деца помали од десет години умираат секоја недела од глад или труење поради лоша хигиена.

– Овие деца умираат пред да бидат примени. Губиме многу вакви случаи – вели директорот на оваа болница д-р Сидики и додаде дека болницата собира суви гранки за да обезбеди минимално греење.

Во породилиштето на д-р Нури редовно се исклучува струјата. Неколку предвреме родени бебиња починале откако инкубаторите им откажале.

– Тажно е да ги гледате како умираат пред вашите очи – рече таа.

Д-р Рахмани, директор на болница во провинцијата Херат кои е специјализирана за лечење на пациенти со коронавирусот го сподели писмото со Би-Би-Си од министерството за здравство кое бара од персоналот да продолжи да работи без пари се додека не се обезбедат средства.

Во близина е уште една болница за лекување на зависници од дрога која наскоро ќе биде затворена. Д-р Новруз е загрижен што ќе биде со пациентите.

– За нив нема засолниште. Обично живеат под мостови, урнатини, на гробишта во ситуација која е неподнослова – истакна тој.

извор: Nova.rs/BBC

фото: BBC.co.uk/unicef.com