Вчера во 16 часот заврши рокот за пријавување за нов лидер на СДСМ, а денеска Централната изборна комисија ќе ги верификува кандидатурите кои ги исполнуваат критериумите за избор на претседател на партијата.
Доставени се четири кандидатури за партиски лидер на СДСМ од Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Властимир Алексовски, член и активист на СДСМ од општинската организација на партијата од Куманово и од Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони.
Последен вчера се кандидираше Деспотовски, кој до Централната изборна комисија ја достави и неговата програма „Концепт 28″ во која, според него, фокус се луѓето.
Вечерва пак се очекува дефинитивната одлука дали партијата на Африм Гаши, Алтернатива, ќе биде дел од Владата. На седница на највисокото партиско тело – Централен совет вечер во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово, како што најави партискиот портпарол Орхан Муртезани, ќе биде донесена конечна одлука.
Повеќе информации ќе има на прес-конференција по завршувањето на седницата.