Вкупно 73 проценти од децата во државава на возраст од 1 до 14 години биле подложени на некој насилен метод на дисциплинирање, наспроти само 22 проценти кои биле дисциплинирани без насилство. Околу 67 отсто од децата биле подложени на психолошка агресија, покажува Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) на Државниот завод за статистика, спроведено во текот на 2018-2019 година, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените.
Четириесет и пет проценти од децата на возраст од 1 до 14 години биле подложени на било какво о физичко казнување во текот на еден месец, од кои седум отсто на тешки форми на физичко казнување.
Според податоците, момчињата почесто доживуваат насилно дисциплинирање од девојчињата, додека 4 проценти од мајките/старателите сметаат дека физичкото казнување е неопходно за правилно воспитување и образование на детето. Овој став е позастапен кај помладите мајки и старатели, како и кај оние од најсиромашниот квинтил.
Физичко казнување, според методологијата на истражувањето е: тресење, удирање или плескање по дланка/рака/нога, удирање по задникот или друг дел од телото со тврд предмет. Тешки форми на казнување се: удари или шлаканици по лицето, главата или ушите, тепање, односно повеќе повторени удари со цела сила. Психолошка агресија е: повишување тон, викање или врескање кон детето, како и нарекување на детето со навредливи имиња како „глупаво“ или „мрзеливо“.
Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.
Техничката поддршка за истражувањето ја обезбеди Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), со финансиска поддршка од УНИЦЕФ, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Британската амбасада.
Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека Извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради светската пандемија на ковид-19, како и поради бројните обврски со Пописот 2021, не добил публицитет каков што заслужува. Затоа, во периодот кој следува, ќе се објавуваат инфографици со податоци и клучни поенти од извештајот, со кои ќе се претстави сликата за состојбата на децата и жените во Република Северна Македонија.
(МИА)