Меѓународен ден на лицата со попреченост: На сите деца со попреченост треба да им се даде шанса за вклучување во заедницата, порача Патриција Ди Џовани од УНИЦЕФ – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/21 1:17 PM

Меѓународен ден на лицата со попреченост: На сите деца со попреченост треба да им се даде шанса за вклучување во заедницата, порача Патриција Ди Џовани од УНИЦЕФ

„Мораме да се запрашаме што може општеството да стори за да обезбеди сите деца – без оглед на нивните способности – да имаат еднакви појдовни основи за постигнување на своите целосни потенцијали. Фокусирање само на попреченоста кај едно дете, без да се согледа детето во целина, доведува до ограничување на тој потенцијал. Како и сите деца, децата со попреченост во себе носат можност за среќен и содржаен живот, витално учество во заедницата и придонес во градењето инклузивно и одржливо општество“, изјави претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, по повод денешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост.
Таа додаде дека Северна Македонија направи огромни напори за воведување инклузивни практики во здравството, образованието и социјалната заштита. На пример, воведување нов модел на проценка врз основа на Меѓународната класификација за функционирање, попреченост и здравје (МКФ); нови Закон за основно образование кој предвидува целосно воведување на инклузивно образование и преобразба на специјалните училишта во ресурсни центри; престанок на сместувањето деца во големи установи за постојано згрижување и слично.
„Детето кое се оценува врз основа на способностите што ги има, ќе се здобие со поголема самодоверба, ќе има подобри изгледи за вклучување во образование – почнувајќи од предучилишното образование и во секојдневниот живот. А, стручните работници кои ги знаат способностите на децата можат подобро да осмислат индивидуализирани планови за поддршка на инклузијата – од пристап до асистивна технологија до планови за учење“, рече Ди Џовани.

фото: ФБ на Уницеф.мк