Речиси 70 отсто од банките даваат „зелени“ кредити-анализа на Народната банка – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/21 10:10 AM

Речиси 70 отсто од банките даваат „зелени“ кредити-анализа на Народната банка

„Народната банка во 2021 година спроведе анкета помеѓу деловните банки за концептот „зелени финансии“. Според резултатите, околу 70 отсто од банките одобруваат кредити за проекти коишто имаат позитивно влијание врз животната средина, а околу 43 отсто имаат воспоставено и формален систем на идентификување зелени проекти. Учеството на зелените кредити изнесува околу 150 милиони евра, или само 2,5 отсто во вкупните кредити. Сепак, заинтересираноста расте,. Лани имаше раст од 23 отсто, а заклучно со септември, растот е околу 6 отсто“, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Годишната конференција на Обединетите нации: „Како да се обезбеди финансирање на одржливиот развој“, на панел-дискусијата „Што можат да направат банките и компаниите за одржливиот развој?“

Таа посочи дека климатските промени можат да влијаат врз ценовната и финансиската стабилност, па оттаму, централните банки, особено на најразвиените економии, во изминатиот период им посветуваат сѐ поголемо внимание на зелените финансии. Народната банка на РСМ досега презеде повеќе активности за таа цел, вклучително и определување на зелените финансии како стратегиска цел и пристапување кон меѓународната Мрежа за зелени финансии.
Според неа, проценка е дека економската штета од климатските промени е околу 25 отсто од глобалниот БДП. ММФ проценува дека природните непогоди од климатските промени го намалуваат растот за 0,4 процентни поени, во просек, а кај помалку развиените економии дури и до 0,7 процентни поени. Негативниот ефект во претстојниот период ќе биде уште поголем, особено кај помалку развиените економии.