Нема големи разлики во ефективноста на вакцините против ковид-19, без разлика на производителот, но постојат разлики во степенот на спречување на хоспитализацијата. Една доза вакцина е недоволна за да се спречат тешки исходи од болеста и важно е да се примат најмалку две дози, соопшти Министерството за здравство. Тоа се прелиминарни резултати од тековното истражување на вакциналната ефективност во македонската популација, кое го предводи Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.
Во првична сеопфатна анализа биле следени сите корисници на „Мој термин“ , од денот на првата регистрирана вакцинација (15 јануари 2021) до 30 септември 2021.
Вкупно 1.886.124 граѓани на возраст од 11 години и постари беа вклучени во анализата, како и 779 558 вакцинирани кои примиле барем една доза вакцина и 1.106.566 невакцинирани. Од популацијата на која им е понудена вакцината (11 години и постари), во дадениот период 41.33 отсто биле вакцинирани со барем една доза, од кои повеќето (37.78 отсто) биле целосно вакцинирани со две дози. Најголем дел од испитаниците ја примиле вакцината BNT162b2 на производителот „Pfizer/BioNTech“ и вакцината „CoronaVac“ на производителот „Sinovac“.
Анализата покажува дека вкупно 30.136 лица биле хоспитализирани од ковид-19 од почетокот на епидемијата (26.02.2020) до 30.09.2021, од кои 6. 542 починале (21.708 отсто од хоспитализираните). Просечната возраст на хоспитализираните е 61 година, а 56.5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт, поминувале во просек 14.8 дена, а половина од испитаниците умреле во рок од осум дена.
Според анализата, две дози од вакцината „BNT162b2“ на производителот „Pfizer/BioNTech“ покажала највисока ефективност во спречување хоспитализација, следна е вакцината „ChAdOx1-S“ (производител „AstraZeneca“) и вакцината „CoronaVac“ (производител „Sinovac“), сите со ефективност над 92 отсто. Вакцините „BBIBP-CorV“ (производител „Sinopharm“) и „Gam-COVID-Vac“ (производител „Gamaleya Institute“) покажаа послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но се уште имаа висока ефективност, над 80 отсто.
Од вкупно 3.947 регистрирани смртни случаи во периодот 15.01.2021-30.09.2021, само 179 смртни случаи беа регистрирани кај 712.587 лица кои биле целосно вакцинирани (0.0251 отсто), додека 3.642 смртни случаи биле кај 1.106.574 лица кои биле невакцинирани (0.329 отсто).
Со тоа, како што се наведува, грубата проценка на ефективноста на две дози вакцина од било кој производител во спречување смрт од ковид-19 изнесуваше 92.39 отсто.
Според анализата, сите вакцини покажаа висока ефективност, над 91 отсто во спречување смрт.
Во анализа на 66.942 лица кои примиле само една доза вакцина од било кој производител се покажала значително пониска ефективност во спречување смрт, која коригирана за пол и возрасни групи изнесуваше 39.140 отсто.
(МИА)