Бугарија не признава малцинства, туку индивидуални права и не може да забрани здружување, вели бугарскиот амбасадор во земјава Ангелов – ММС
ММС

Објавено на: 12/2/21 11:55 AM

Бугарија не признава малцинства, туку индивидуални права и не може да забрани здружување, вели бугарскиот амбасадор во земјава Ангелов

И покрај 16-те пресуди од Европскиот суд за човекови права за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство во Бугарија, бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов е категоричен дека „сите граѓани се еднакви пред законите во Бугарија“, но во нивниот устав не признаваат колективни права, односно малцинства.

– Секој има право да се чувствува како сака и тоа не можеме да му го забраниме, како што и не можеме да забраниме ниту да се здружува, рече Ангелов одговарајќи на новинарско прашање денеска при посетата на Штип.

Иако Ангелов тврди дека правото на здружување не може да се забрани, Македонците со децении не можат да регистрираат свои здруженија во Бугарија. Таму осум здруженија чекаат на регисрација. Само еден од примерите е ОМО Илинден, кое за бугарските власти е „штетно“ и ја загрозува националната безбедност.

Претседателот на ЕСЧП, Роберт Стано при посетата на земјава минатиот месец истакна дека Бугарија е обврзана да ги спроведува пресудите на Судот во Стразбур.

За ова прашање зборуваше и заменик помошникот на Државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, кој кажа дека американската амбасадорка во Софија и нејзините европски партнери работат за решавање на овие проблеми. Тој истакна оти партнерството со европските партнери е засновано на вредности, не само на заеднички интерес, туку на споделени вредности и се што ја нарушуваа таа врска е причина за загриженост.

Сепак во однос на ова прашање досега нема никакво поместување, а во предизборието само се засилија ставовите за непостоење на македонско малцинство.

Бугарија, пак, од друга страна постојано бара да се почитуваат човековите права на Бугарите во земјава. Реципроцитет нема.