Интензивна неделна агенда на Собранието на Република Македонија – ММС
ММС

Објавено на: 08/27/18 7:02 AM

Интензивна неделна агенда на Собранието на Република Македонија

Претседателот на Собранието Талат Џафери изутринава ќе има средба со координаторите на пратеничките групи, на која освен за интензивните активности на Парламентот, треба да стане збор и за кампањата за референдумот на 30 септември.

Во кампањата „за“ референдумското прашање ќе учествуваат партиите од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ, но и Беса, ДПА и Алијансата на Албанците. Најверојатно само пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во кампањата за референдумот со средствата наменети за нив што Владата ќе и ги префрли на Собранието. Од партијата и вчера посочија дека се откажуваат од парите, и дека најверојатно во среда ќе испратат официјален допис до претседателот на Собранието Џафери.

Собранието неделава има интензивна агенда за работа. Само за денеска се закажани неколку седници, а во дводневна посета на Парламентот ќе бидат и неколку американски сенатори. Седница треба да одржи и Комисијата за избори и именувања, на која треба да бидат избрани први луѓе на повеќе институции и комисии, кои останаа без раководен кадар и членови. Станува збор за конгресмените Гери Коноли, Дина Титус, Сузан Дејвис, Дејвид Прајс и Бил Флорез. Тие денеска, според собраниската агенда,треба да остварат средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, со тројцата потпретседатели, како и со координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова.

Потоа предвидено е американските конгресмени да имаат разговори и со претседателите на повеќе собраниски комисии. Поединечни средби ќе имаат со претседателите и членовите на комисиите за одбрана и безбедност и за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а ќе се сретнат и со членките на Клубот на жени пратенички.

Утре когресмените Коноли, Титус, Дејвис, Прајс и Флорез ќе бидат запознати со активностите на Парламентарниот институт.

На 29 август односно во среда е закажана собраниска седница, на која на дневен ред би требало да бидат точките што денеска ќе го минат комисискиот филтер како и други кои заостанаа пред одморите. Од кадровските прашања се очекува констатирање на престанок на мандат на пратеникот Петар Атанасов и негов избор за заменик министер во МОН, како и верификација на мандатот на неговиот насленик од СДСМ.

Сепак, во фокусот на јавноста освен прашањата за директор на ОТА, главен ревизор и одлуката за патните трошоци на пратениците, е референдумската кампања што треба да ја спроведе Собранието.