Основното јавно обвинителство Гостивар врши увид во приватна куќа во Дебар каде што се пронајдени безживотни тела на три лица.
Според првичните сознанија, како што соопштија од Јавното обвинителство, станува збор за тројно убиство, а жртвите се семејство – маж, жена и нивната ќерка на возраст од околу 13 години, кои времено живееле во Италија. Сторителот засега е непознат.
Надлежен јавен обвинител е на терен и работи на откривање на сторителот и на утврдување на мотивите. Во таа насока, издадени се серија наредби за прибирање траги од лице место, вештачења и претреси.
Тројното убиство се случило синоќа. Полициската станица од општа надлежност во Дебар за настанот добила дојава од граѓанин, по што била известена Општата болница. Екипа на итната медицинска помош веднаш пристигнала, но за жал лекарот само констатирал смрт. Мотивите за тројното убиство се непознати.