Според најавите од Обвинителството на Бугарија, идентификацијата на телата на 45-те жртви во сообраќајната несреќа минатиот вторник на автопатот „Струма“ треба да биде завршена до утре, по што ќе почне подготовката тие да бидат донесени во земјава, соопштија владините портпароли денеска на редовната прес-конференција.
„Останките ќе бидат донесени в петок и преку организиран државен протокол ќе им бидат предадени на семејствата во нивните домови. Ова е информација што ја имаме, дополнително ќе информираме во текот на утрешниот ден“, изјави денеска портпаролот Муамет Хоџа одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот за здравство Венко Филипче претходно на прес-конференција изјави дека интензивно се работи денеска или утре да завршат ДНК-анализите на починатите во автобуската несреќа, по што ќе се организира транспортот на нивните посмртни останки кон земјава.
„Тоа го работат колегите во Бугарија, нашите колеги од Институтот за судска медицина се во секојдневна комуникација со нив. Тоа е нешто што треба да се заврши денеска или утре, по што ќе се организира транспортот на телата на починатите, рече Филипче.
(МИА)