Повеќе од два месеци адаптираната филтер станица во Штип ја презема водата од Хидросистемот „Злетовица“. Планинската вода преку долгиот цевковод завршува во адаптираниот дел на филтер станицата, поминува низ системот и се исфрла. На таков начин се тестира системот. Во исто време, се прават и редовни микробиолошки и хемиски тестирања.
Раководителката на филтер станицата во Штип, Тања Глигорова вели дека за прием на водата се користи најсовремена технологија на ултра филтрација.
-Во овој период се врши тестирање на опремата од технологијата и во исто време се врши тестирање на водата од ХС „Злетовица“ низ системот за утра филтрација. Тестирањето ќе се врши додека да се добијат сите резултати за хигиенски исправна и безбедна вода за пиење од овластените институции, како и Правилникот за безбедност на вода за пиење“, вели Глигорова.
Различни количини на вода поминуваат низ системот до максимални 300 литри во секунда. Во пространата филтер станица, покрај постоечката за прием на водата што доаѓа од бунарскиот систем од реката Брегалница, реконструиран е новиот дел, за прифаќање на површинската вода од „Злетовица“. За адаптација на филтер станицата Владата одвои близу 3,2 милиони евра.
На свеченоста кога беше означен почетокот на пробниот период на 15 септември, беше најавено дека тест периодот ќе трае до јануари 2022 година.
-Мора да се спроведе детално испитување на површинската вода пред да биде вклучена во системот. Поради тоа се вршат анализи во овластените институции иза испитување на вода и откако ќе се добијат сите резултати согласно законските регулативи и Правилникот за безбедност на вода, водата може да биде пуштена низ системот, во зависност од потребите на градот, објасни Глигорова.
Плановите на раководството на филтер станицата е сепак, во целост да не се напушти бунарскиот систем од Брегалница, и покрај изразеното загадување на реката. Најавата е дека паралелно ќе се користат двата система и двете филтерници.
-Во моментот постојано се користи водата од бунарскиот систем, на која исто така секојдневно се следи квалитетот. Постојано се вршат анализи како во нашата лабораторија, така и во овластените институции, Центар за јавно здравје од Штип и Институт за јавно здравје – Скопје и сите резултати покажуваат дека водата е бактериолошки и хемиски исправна, односно одговара согласно Правилникот. Водата од бунарскиот систем ќе продолжи да се користи за водоснабдување, појасни Тања Глигорова.
Засега останува да се види како функционира системот со приемот на планинската вода од Злетовица, кој се одвива без никаков проблем. Штип во просек троши околу 200-250 литри во секунда, што се покажа како предизвик за досегашниот систем, особено во летниот период. Од „Злетовица“ со проектираните 300 литри во секунда, Штип може комплетно да се покрие во потребите од водата од хидросистемот. Сепак, засега најавите се дека ќе се користат комбинирано водите и од Брегалница и од Злетовица.
За завршувањето на тест периодот конечниот збор ќе го имаат институциите, кои го контролираат квалитетот на водата од „Злетовица“, за која до сега немаа никаква забелешка.