„Од едно туширање ми се слошува, но фала му на Бога жива сум“ – Лекарите од болницата во Лешок велат дека се повеќе луѓе се жалат на последици од ковид – ММС
ММС

Објавено на: 12/2/21 7:00 PM

„Од едно туширање ми се слошува, но фала му на Бога жива сум“ – Лекарите од болницата во Лешок велат дека се повеќе луѓе се жалат на последици од ковид

Мал број на хоспитализирани и заразени, но се поголем број пациенти од тетовско кои бараат лекарска помош и совети, поради пост ковид компликации. Здравствените работници велат дека претежно се работи за пациенти кои биле заразени од Делта сојот, чиј бран изминатово лето од овој регион зеде голем број на човечки животи и ги преполни болничките капацитети.

ММС исконтактира со една пациентка која сакаше да остане анонимна, а која се уште се лечи и прима терапија препишана од докторите од болницата за белодробни заболувања во Лешок.

Вели дека се заразила со вирусот во јуни и поминала тежок период. „На самото завршување од летото помислив дека се е готово, не еве се уште сум по болници“, , вели таа.

-Како што ме слушате едвај зборувам. Најголем проблем ми е немањето на доволно кислород. Сатурацијата никако да ми се доведе во нормала. Не ни помислувам физички да се заморувам,  од едно туширање ми се симнува сатирација под 90 и тогаш ми е многу лошо. Овој проблем го имав откако излегов од болница. Но, мислев дека ќе ми помине ама еве се уште се борам со последиците од болеста. На други органи немам проблем, но со дишењето да. Примам некој терапија, правам некои вежби за дишење и слично. Некои доктори ми велат последиците, но не во толкав обем како сега, ќе ми останат цел живот. Но, фала му на Бога што останав жива, вели пациентката во разговор за ММС.

Здравствените работници велат дека пациентите со пост ковид компликации треба да имаа трпение, оти не се работи за обичен грип. Доктор Исмаил Ваити од Болницата за белодробни заболувања во Лешок вели дека треба да се слушаат докторите, но и секој пациент треба да знае народски кажано, до каде му е силата. Тие што полошо поминале со вирусот, нормално е да имаат последици цел живот, но со вежби како и физикална терапија, гледаат да бидат тие последици што помали.

-Секој пациент се враќа во нормала, иако кај некои последиците остануваат, најчесто на белите дробови. Допрва науката ќе утврдува кои се комликациите од вирусот во мозокот, бубрезите, рбетниот столб, на што дел од пациентите веќе се жалат. Тука најважно е пациентот да почуствува сам колку може и што може. Да види колку физички може нешто да издржи, затоа што сепак заморот највеќе влијае на телото, кое претходно било заразено со Ковид 19. Никогаш пациентот во таква ситуација не треба да си поставува некоја цел однапред. Ако сака да оди на пример, еве тука кај нас на Попова Шапка не треба да рече јас ќе одам на Попова Шапка туку, јас ќе тргнам за Попова Шапка, рече доктор Исмаил Ваити од Болницата за белодробни заболувања во Лешок.

Последиците од вирусот ќе бидат уште поголеми. Тој и понатаму ќе мутира и ќе биде се поопасен, ако во Македонија не се зголеми процентот на имунизација, велат здравствените работници.

Д-р. Светлана Трифуновска

-Мора да се подигне свеста за имунизација, ако остане се уште низок тогаш вирусот и натаму ќе си бара свои домови односно човечки тела за да предживее, а новите соеви како што гледате ќе бидат се поопасни и поопасни. Затоа и секој заразен од новите соеви на Ковид 19 имаат поголеми последици од вирусот од старите соеви на корона вирусот, рече доктор Светлана Трифуновска

Последните бројки на Министерството за здравство говорат дека 38 проценти од целата популација во земјава примила две дози вакцина.

Зоран Димовски