Преку законски измени да се намалат надоместоците за советниците бара Општина Аеродром – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/21 1:49 PM

Преку законски измени да се намалат надоместоците за советниците бара Општина Аеродром

Со мнозинство гласови на советниците на ВМРО ДПМНЕ и Левица во Советот на Општина Аеродром доставена е иницијатива до Заедницата на единиците за локална самоуправа (ЗЕЛС) за намалување на надоместокот на советниците. ЗЕЛС оваа иницијатива ја примил на 17 ноември и како што информираа од таму, за неа ќе расправаат веднаш штом ќе се формира Новиот Управен одбор на крајот на декември.

Иницијативата е на предлог на советниците на Левица на втората седница на Советот на Општина Аеродром одржана на 09.11.2021 година, а е прифатена и за неа гласаа и советниците од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ. СДСМ гласаше воздржано. Истата оваа иницијатива е доставена и до Министерството за финансии.

Во иницијативата нема конкретен предлог за колку да се намалат надоместоците. Како што стои во дописот до ЗЕЛС, се доставува Иницијативата „за согледување на можноста за намалување на надоместокот на членовите на Советот“.

Според предлагачот на иницијативата, советникот Дарко Масларкоски од Левица, нефер е советниците да земаат месечно за една или две седници, кога за тие пари работникот работи цел месец.

– Сакам да испратиме порака дека се симнуваме на земја. Ние ќе се останеме еднаш, два пати, три пати во месец и не е фер да земеме пари колку работникот во Македонија кој работи цел месец. Не знам за каква награда треба да бидеме тука. Ние сме тука за тој народ да го претставуваме, изјави од говорницата Масларковски.

На ова имаше спротивставено мислење дека тоа е популистичко потег и дека советничките надоместоци немаат никакво влијание врз буџетот на граѓаните.

-Онаму каде не се плаќа убаво, се остава простор за корупција и коруптивни дејанија. Се’ што е сработено треба да биде наградено, беше аргументот против.

Иницијативата е доставена до ЗЕЛС, а во исто време се донесе заклучок за намалување на надоместокот за работата во Советот на Општина Аеродром.

Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, Аеродром е на топ петто место по висината на надоместок што го земаат членовите на Советот, кој изнесува 17.000 денари месечно.

Највисок износ земаат членовите на Град Скопје, во износ од 24.276 денари, следат Советите на Кичево, Куманово, Чаир и Аеродром.

Вкупно годишно од општинските буџети се трошат над 3,5 милиони евра за исплата на надоместоците на општинските советници.

Според законот,  месечниот надомест се утврдува како процентуален износ од просечната месечна плата во претходната година, но не повеќе од 40% во општини до 10.000 жители, 50% во општини од 10.001 до 25.000 жители, 60% во општини од 25.001 до 50.000 жители и 70% во општини над 50.001 жител. Претседателите на советите добиваат за 30% поголем износ на паушал од советниците.

Вчера при посетата на Свети Николе кога го прашавме Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дали намалувањето на паушалот за советниците е партиски став, рече дека прв пат слуша. Според него тоа е популистичка мерка и нискиот надоместок може да ги корумпира советниците, кои често расправаат за урбанистички планови и слични одлуки.

 

фото: Општина Аеродром