(Видео)„Луѓето кукаат и плачат, немаат ниту пат, ниту воз“ – Штрајкот на железница отсече три велешки села од цивилизацијата – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/21 11:57 AM

(Видео)„Луѓето кукаат и плачат, немаат ниту пат, ниту воз“ – Штрајкот на железница отсече три велешки села од цивилизацијата

Жители од неколку велешки села поради штрајкот на вработените во Македонски железници веќе пет дена се отцепени од цивилизацијата затоа што патот не им е прооден, а станицата „Рајко Жинзифов“ и пругата Скопје – Велес им се единствениот начин да стигнат по храна и лекови.

Селото С’лп се наоѓа на 16 километри северозападно од Велес. Во селото живеат 30-ина жители, а најголемиот дел од нив својот работен век го поминале во државната компанија „Македонски железници“ и затоа за селото велат дека е железничарско село.

Сега, поради штрајкот за плати на своите колеги, тие се отсечени од Велес, а поради дождливото време во функција не е ниту земјениот пат.

– Пет дена сме без железнички сообраќај, а возот ни е основно превозно средство. Патот не е прооден, земјен е и каллив, возило никако не може да оди по него, освен специјално возило со гасеници. На лето кога е суво, не е проблем, имам теренско возило „лада нива“ и со него може да се отиде до градот ако нешто е итно. Но, сега ако тргнам, ќе заглавам на патот и ќе нема кој да ме извлече – почна да раскажува за ММС, Митко Илиевски кој после пензионирањето во МЖ, ја напуштил урбаната средина во Велес и со сопругата се вратил во својот роден крај.

Тој е пензионер, а најмлад во С’лп и се грижи речиси за се во селото. Вели дека е исплашен ако не дај боже на некого му затреба лекарска помош додека се отсечени.

– Ако беше суво, така и така. Но, не дај Боже и возило на брза помош да тргне наваму, белјата ќе биде уште поголема. Сопругата не беше добро пред некое време и луѓето од Итната помош дојдоа, но патот беше сув и колку толку прооден – истакна Илиевски.

Тој ја разбира маката на железничарите затоа што бил дел од работниците кои го барале она што го одработиле, но вели дека оние што штрајкуваат треба да погледнат надолу од Скопје и да видат дека има села на кои пругата им е единствена егзистенција.

– Тие што штрајкуваат треба да видат прво дали селата надоле по пругата се отсечени, мислам на С’лп, Белештевица и Карабуниште. Тие луѓе во Зелениково и Градско ќе се снајдат, имаат продавници, имаат патишта. А, ние со што. Тоа е проблемот. Не може само како фабричка лента, стисни копчето, пресечи конецот и не вози. Петти ден денеска, а не се знае до кога ќе штрајкуваат – ни објасни тој.

Во Белештевица има три-четири луѓе, а во Карабуниште живее млад брачен пар со две мали дечиња. Децата не одат на училиште се уште, но тоа не значи дека луѓето не треба да си купат основни намирници за живот.

– Во Белештевица на ова време не оди ниту магаре. А и да оди, што ќе донесеш со него, дрва? Леб треба, брашно. Сега откако се овие нови возови, не ни дозволуваат да пренесеме ниту вреќа брашно, иако сме прва станица од Велес кон Скопје и патот трае десет минути. Да не го избербатиме возот. Срамота е во 21 век да имаме интернет, а да немаме пат и пруга за да си купиме леб – рече Митко Илиевски.

– Државата треба да создаде за сите нормални услови за живот, прв услов е конекцијата со градовите и останатите села. Досега некако се снаоѓавме со воз кој се почесто го немаше, а сега и таа карика исчезна. Не може да се потпреме никому, ниту на железницата, ниту на општината која ветува подобар пат години наназад. И покрај целиот технолошки напредок во светот ние сме принудени да живееме како во 19. век и да се превезуваме со коњи и магариња – додаде Тања Николовска, која заедно со сопругот и двете дечиња се единствени жители на Карабуниште, едно од отсечените села.

Редакцијата на ММС ги праша луѓето дали им требаат лекови или храна на луѓето, но за среќа се уште имаат залихи.

– Сите сме со лекови, има ли денес некој без лекови, сите пиеме апчиња. Меѓу нас има жители со над 80 години кои едвај одат. Имаме залихи во моментов, но не се знае до кога. Една зима, не беше прооден ниту патот до железничката станица која се наоѓа покрај реката Вардар. Имаше многу снег. Со хеликоптер ни донесоа брашно. Јас пред неколку години побарав од градоначалникоот да го направи патот, да го пробие, но тој ми рече дека патот не бил регистриран, трасата не била позната и со тоа ќе ја загрозат безбедноста на тој што ќе работи – објасни Илиевски.

Тој рече дека кога е за гласови, сите го знаеле патот, но сега овие луѓе ништо немаат да дадат затоа што немаат што да загубат. 

Орце Костов