„Малку и треба на жената да се почувствува како принцеза“ – Мина и Драган Даниловски прославија 29 години брак – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/21 7:06 PM

„Малку и треба на жената да се почувствува како принцеза“ – Мина и Драган Даниловски прославија 29 години брак

„Фала на Бога“ напиша Мина Даниловска на социјалните мрежи, врз објавената „Молитвата за бракот“, а по повод 29 годишнината од заедничкото живеење со сопругот, професор д-р Драган Даниловски.  Скоро три децении љубов, почит и разбирање, што во денешно време на живеење е вистинска реткост. Брачниот пар Даниловски се’ уште се сакаат и почитуваат како првиот ден, кога пред Бога се заколнале дека вечно ќе бидат заедно.

Мина за ММС  раскажа како за време на пандемија ја прославиле годишнината, која е нивната формула за успешен брак, кои се ситниците што за нив значат љубов и живот, но и за тоа од кои навики се откажале за да го прилагодат заедничкиот живот.

-Прославивме сами, со скромна трпеза и чаша вино.  Впрочем, ние двајцата сме со неверојатно сличен темперамент, па и во тој поглед, не сакаме многу излегувања надвор, не нѐ привлекуваат шопинзи, ресторани, јавност. Си живееме во меѓусебната и топлината на домот. „Домашари“ сме. Може да се биде постојано надвор, а сепак, да се остане осамен и неисполнет, но и обратно, нели?  Постои и еден креативен, духовен свет, во кој човек може да се „нурне“ и да биде неверојатно исполнет, независно каде се наоѓа физички, вели Мина.

Вообичаено прашање е за брачен пар по долго време заедничко живеење е да се прашаат имаат си своја формула за успех, ако воопшто пости формула за долг и успешен брак.

-Постои, а тоа се слободата, довербата и компромисот! И уште нешто. Според мене, покрај сличните ставови за животот и неговата смисла и негувањето на односот, битен момент претставува и начинот на воспитување, тогаш, кога се оформува личноста, уште во детските години.  Ретко кој спомнува за овој момент, за кој сметам дека е исклучително важен.

Потоа сличните морални вредности, сличните навики и  животните принципи. Да се почитува, поддржува слободата на другиот, па дури и за неговото, односно нејзиното хоби  и тоа да не ви преставува тежина и хендикеп. Туку напротив, радост за успехот и радост на другиот. Сето тоа е љубов. Взаемниот став за безусловното давање, не само еден на друг, туку секому кому е потребна помош и поддршка е љубов, објаснува таа.

Секој од нас има соништа, низ кои чекори во животот и кон кои се стреми да ги оствари. Оттаму и Мина ја прашавме дали тие, кога ќе си ги вратите годините наназад, кога сте биле на почетокот на бракот, ги оствариле сите соништа.

-Немаме некоја неостварена желба околу некое конкретно патување, ви кажав претходно. Некој ќе рече, овие се интровертни луѓе, намќори.  Најмалку е така. Навистина е возможно да се „патува“ секојдневно радувајќи се со другите, тагувајќи со другите, служејќи на другите, а сепак, да се остане „тука“. Особено во вакви тешки времиња. Овие наши сфаќања за смислата на животот, без лажна скромност и претерување, е тоа е нашето алфа и омега во нашиот однос, сиве овие години. Физичките патувања отсекогаш ни преставувале напор, дури и од помлади години. Патувањето низ животот суштински се случува во срцето. И во оваа филозофија исто размислуваме и беспоговорно се поддржуваме, додава Мина.

Велат дека бракот е компромис, дека во бракот партнерите треба да си попуштаат и да се прилагодат на заедничкиот живот.  За среќа, поради домашното воспитување тие и немале потреба да менуваат многу во нивниот заеднички живот. 

-Ако двајца потекнуваат од семејства во кои слично биле воспитувани, каде растеле со слични навики, ако двајца се со слични темпераменти, нема што многу да се менува. Како велат духовните слова: не се обидувајте да го менувате другиот, прифатете го таков каков што е! Речиси ништо не се обидувавме да менуваме меѓу нас сиве овие години, зашто сме неверојатно слични.  Мали компромиси -да. Да речеме, јас сакам да седнам со пијаното или да напишам стихови, сопругот има хоби за возење мотор и велосипед, но тоа го прави поретко отколку што би сакал.  Едноставно, самиот си ускратува, за да не ја остави сопругата сама подолго време! Имаме  бескрајна слобода и взаемно трепение, секој да се себесиполнува креативно и професионално. И музика! Секој ден, во фон, што и да правиме, си тече музика, вели Мина.

Се вели дека ситниците го прават животот, односно дека среќата е во малите нешта. А тие мали нешта не само што го прават животот посреќен, туку и бракот.  На прашањето кои мали нешта ги прават среќни Мина брзо одговори:

-Кога некого сме зарадувале,  утешиле и помогнале, спрема силите. Без претерување, додава таа.

Кога фати пандемијата се претпоставуваше дека многу бракови ќе пукнат, наспроти некои кои велеа дека пандемијата им ја зацрвстила љубовта.  Пандемиските денови нивниот брак не го поткопаа, туку, како што вели таа, се е добро и полезно.

-Навистина добро и полезно. После заедничкото кафе, секој почнува со своите „домашни задачи“.  Тој речиси целиот ден е посветен на професијата. Неколку месеци е во пензија, но е исполнет со работа постојано. До следното утро. Со неверојатен жар, ентузијазам и љубов е посветен да помага на стотици страдалници, учествува во стручни дебати кај нас и во светот.

И, секако. други професионални обврски. Јас, пак, со мојот афинитет кон духовната сфера работам на својот интернет портал „Покајание“ и други Фејсбук страници на таа тема, преведувам, средувам духовни слова и тоа силно ме исполнува.  Будни сме до утринските часови. Ноќни птици сме иако сме во зрела возраст. Паузите ги користиме во разговори. Тој сака и да ме насмее, да ме послужи со некоја ужинка или десерт. Во принцип, тој е човек кој е среќен да служи секому – па и на својата сопруга, вели весело Мина.

Велат љубовта иде преку стомакот. Дека жената може да го усреќи мажот со убав ручек. Мина се сложува со оваа и вели- јас сум главна во кујна!

-Е, тука, јас сум „главна“! Мојата мајка беше совршена готвачка и тие вкусови ми останаа во наследство. Нешто што со љубов сакам да правам, лесно, брзо и со задоволство, тоа е – готвењето. И тоа, како на времето на мајките, бабите, убаво зачинето, динстано или долго потпечувано во рерна. Ниту едно јадење не е добро ако не „крчка“ долго. Драган знае понекогаш да рече:  „Не гледајте што правам, слушајте што зборувам“. Хахаха… Сака мрсничко, сака запржено, зачинето – гурман! Ги обожува моите сарми во кои мора да има и сланинка, турли-тавата, чомлекот, јагнешката чорба, печеното месо…

Често знае да замери, грижејќи се за мене. Внимателен е, не сака да  се заморувам премногу и сугерира да не готвам често. Ама мене тој „спорт“ ме радува и го сакам готвењето. Уште знае да каже: „Дефинитивно е точна констатацијата дека љубовта доаѓа не само од срцето туку и преку стомакот“. Хахахха… Тој е мајстор за скара на жар.  Но, често умее и да зготви нешто што не е вариво и да ме изненади за вечера, додека гледам некој филм, па така, на тацна да ми принесе. Мажите е корисно во одредени моменти да покажуваат, така, ситно внимание. Малку ѝ треба на жената да се почувствува како принцеза, нели? Но, тука е и рамноправно да помогне во сите домашни обврски, иако, овие две години со короната има помалку време, а јас го оставам на раат, сигурна е Мина.

Како и сите парови така и Даниловски знаат да се изненадуваат за важни датуми, но вели Мина, не сака подароци за некој повод, уште помалку за „8-ми Март“. Причината се знае- за да се покаже внимание, почит и љубов треба да се подарува без причина, не куртоазно за празник.

-Формата, куртоазијата ни се страни. Во секоја смисла! Во секоја постапка меѓу нас и меѓу другите  и во сѐ, ја гледаме суштината. Лично јас, не милувам подароци за родендени, годишници, уште помалку за некој осми март. Насмевката, убавиот збор, децениската почит и нежност се моја храна. Дури и  „нашкрабано“ писменце на хартија, со израз на милост, така, спонтано оставено на масата, ми е поголем подарок од било кое злато или предмет, облека или накит, затоа што „така требало“, „така бил редот“. Хахахха…

Чудно да се разбере ова за  жена, нели, ама, така размислувам отсекогаш. Замерувам дури кога тој нешто такво сепак ќе ми подари понекогаш.  И еве уште една моја лична, животна констатација – ете, како скромен совет.  Пред да одлучите да го споделите брачниот живот со некого, констатирајте едно: Каков е тој човек во однос на сите други луѓе. Каков му е односот кон родителите, односот кон луѓето на кои им треба поддршка и помош, има ли  ширина во неговото срце, милост кон познатите, непознатите.  Не верувам дека човек кој е егоист, конформист, кој мисли само на себе, кој има селективна или нема љубов кон околината, би можел да има искрена љубов за вас, вели Мина.