Како што прогнозираа метеоролозите, утрово падна снег на речиси сите повисоки планини во земјава. Снежна покривка има на најпознатите ски центри во нашата земја, Попова Шапка, Маврово и Пониква.
Снегот на скијачкиот центар Попова Шапка паѓа од ноќеска, но сепак не е доволен за почеток на скијачката сезона, информираат од друштвото Попова Шапка.
„Се уште е рано да се прогнозира кога ќе почне скијачката сезона. Во изминатиот период отстранет е дефектот кој лани беше на жичарницата Церипашина и таа ќе може да се користи оваа сезона. Така, на располагање ќе бидат сите ски лифтови и жичарници кои се сервисирани и ремонтирани. Скијачките патеки се обновени и поставена е сигнализација и нивно обележување. За скијачите се изградени и две бачила за одмор каде ќе има кафе, чај и сендвичи. Тие се на патеките Поток 1 и Поток 2 и на патеката Ге“, информира Живко Алексовски, раководител на Друштвото за угостителство и туризам Попова Шапка.
Скијањето на Попова Шапка оваа година ќе биде поскапо. „Ски картите имаат зголемени цени затоа што има глобално зголемување на цените на голем број влезни продукти за нашите услуги. Воедно годинава ќе се наплаќа и за користење на новиот шестосед чија употреба лани бесплатна“, рече Алексовски. Хотелот Славија работи постојано, а другиот објект Попова Шапка ќе се активира со официјачниот почеток на ски-сезоната.
(МИА)