„Трагедијата беше страшна, јас се уште сум вознемирен и око немам склопено поради страшните слики што ги видов. Жал ми е, ништо не можевме да направиме затоа што кога стигнавме, автобусот веќе беше изгорен“, раскажа ексклузивно во телефонски разговор за Македонски Медиа Сервис, секретарот на регионалниот совет за безбедност на Перник, Васко Пиргов кој во 3.30 часот дошол на местото на настанот заедно со првите полицајци и пожарникари.
Пиргов за ММС ги раскажа првите впечатоци од големата трагедија и објасни дека освен неприлагодената брзина и невнимание на возачот, причина за несреќата во која во опожарениот автобус животот го загубија 46 патници кои се враќале од Истанбул, било и дополнителна лесна запаллива течност која автобусот ја превезувал во предниот дел на местото каде што требало да стои резервната гума.
– Ако немало дополнително гориво кое било во автобусот, патниците ќе биле живи и немало да изгорат. Што го предизвикало пожарот, нека кажат обвинителите. Дизел горивото е тешко запалливо, но кога ќе се запали, тогаш станува жестоко и создава висока температура. Најверојатно резервоарот за гориво на автобусот кој се наоѓа помеѓу столбот на предната врата и десното предно тркало, бил пробиен во моментот кога автобусот удрил во заштитната ограда која патот го двои од одморалиштето и во тој момент истекло горивото. Од искрите кои се создале од гребењето на лимарината се добила емулзија на облак која не се запалила. Вториот удар бил клучен кога возачот се обидел да го исправи автобусот. Автобусот удира директно во банкината на средина и таму од самиот удар се запалил. Чадот дошол преку вентилацијата и луѓето прво биле зашеметени, односно задушени и потоа изгореле. Автобусот изгорел во рок од една до четири минути – рече Пиргов за ММС.
Кога Пиргов стасал на местото на настанот, видел дека вратите на автобусот биле блокирани од заштитната ограда, а луѓето се обиделе да избегаат преку средната врата.
– Најмногу луѓе се обиделе да бегаат преку средната врата. Таму беше и мајката со двете деца близнаци во своите раце – се присети Пиргов на ужасната сцена која ги потресе македонските граѓани, но и граѓаните на Бугарија.
Иако изутринава бугарското државно обвинителство ја исклучи можноста пожарот да бил предизвикан од туби со дополнително гориво затоа што биле пронајдени празни, Васко Пиргов тврди дека разврската на целиот случај ќе биде побрза ако истражителите отидат до бензинската станица во Турција која се наоѓа точно пред бугарската граница.
– На местото од напред каде што стои предната резервна гума, ставале гориво, а гумата била во багажниот простор. Но, треба да се исчекаат резултатите од истрагата. Најлесно разврската на целиот случај може да се види ако се отиде до бензиската станица во Турција, која се наоѓа пред бугарската граница. Тоа е огромна бензинска станица и таму луѓето кои патуваат прават подолги паузи затоа што има што да купат, има пазар и тезги. Дознав дека автобусот таму стоел околу 30 минути и од камерите на станицата може да се утврди дали се точело гориво и што се точело. Патниците не биле сведоци, само шоферот и газдата на фирмата може да го знааат тоа. Претпоставувам дека имало бензин, но не можам да потврдам – изјави Васко Пиргов за ММС.
Тој смета дека полесно за истрагата ќе беше ако пожарот го преживеаше дигиталната картица на автобусот која ќе дадеше многу податоци за паузите и времето на возење, но дека тоа не го менува фактот дека автобусот се запалил од лесно запаллива течност.
– Ако немаше лесно запалливо средство, ќе немаше смртни случаи. Можеби ќе имаше повредени и трауматизирани патници, но при оваа траекторија на застанување на автобусот ќе се избегнеле смртни последици. Ова лесно може да се докаже – додаде тој.
Автобусот од турско-бугарската граница се до местото на несреќата стигнал за околу четири часа што значи дека возел нормално и ги почитувал прописите.
Васко Пиргов вели дека експертите треба да утврдат како возило од околу 24 тона запрело без кочници, бидејќи нема траги од кочење.
– Автобусот сопрел на бензинската станица Кристал, таму се задржал само околу 20 минути поради одење во тоалет. Но и тоа треба да се потврди затоа што од бензинската станица велат „да, автобусот беше со македонски регистарски таблици“, но дали бил токму тој автобус, можеби бил некој од другите. Она што не се приметува е на два-три километри пред несреќата. Таму автопатот Струма се префрла на една лента и има ограничување на брзината поради работа на патот. Возачот возел еден километар по една лента и не заспал, па таа верзија се исклучува – истакна Пиргов.
Таа ноќ немало магла, но имало ситен дожд. А, кога се вози ноќе по дожд, колку и да е добро возилото, видливоста при поголема брзина може да се намали и да го доведе во заблуда возачот.
– Ова е лесна десна кривина и многу лаже. Возачот удрил во банкината затоа што таму има еден знак кој го дели патот и има чешма и одморалиште. Кога автобусот се приближил, возачот мислел дека треба да оди во десната лента поради знакот и во последен момент се обидел да го сврти воланот. Точно во тој момент го удрил знакот и го фрлил 45 метра. Десната гума удрила врз откинатиот дел од знакот и таа пукнала, а преживеаните патници го потврдија силниот звук, како и сведоците. Автобусот се движел со поголема брзина, возачот се обидел да го смири автобусот, но отишол кон средната ограда и тој удар бил фатален.
Трагедијата е многу голема, не може да се политизира, и се ќе открие истрагата. Искрено сочувство до семејствата на загинатите и што побрзо опоравување на повредените – порача Васко Пиргов кој од Перник бил меѓу првите службени лица кои стигнале на местото на страшната несреќа во кој животот го загубија 44 македонски граѓани, а седум лица се повредени и се наоѓаат во болница во Софија.
Орце Костов
фото: МИА, БТВ