Мажите со рак пројавуваат повеќе депресивни симптоми за разлика од жените кои исто така се онколошки пациенти. Причините за ова се бројни и затоа потребни се повеќе прирачници и едукативни материјали за да се охрабрат и да зборуваат за психолошките проблеми поврзани со болеста. Ова го констатираат Елена Ѓорѓевска и Александра Стефановска, психолози на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Со нив разговараме по повод одбележувањето на ноември како месец посветен на машкото здравје, што во светот е познат како „Мовембер“. За ММС тие истакнаа кои се предизвиците за мажите кои се соочуваат со карцином или имаат блиска личност со ваква болест, но и колку често тие бараат стручна помош во психолошкиот кабинет кој фунционира во рамките на оваа Клиника.
Како се одразува врз мажите сознанието за дијагностициран малигнитет кај нив или кај некој од нивните блиски? Какво е влијанието врз менталното здравје и со што се соочуваат?
Александра: Карциномот може да се доживува како закана за идентитетот кај мажите, односно губење контрола врз сопствено тело кое се одразува на машкоста. Помладата возраст на дијагностицирање е поврзана со повисок степен на вознемиреност и шок, за разлика од постарата возраст на дијагностицирање каде на појавата на хронична болест се гледа како на нешто што може да се очекува. Лицата со дијагностициран карцином сосема е очекувано и нормално да доживуваат различни чувства и мисли, како шок, вознемиреност, лутина, страв, осаменост. Дијагнозата е поврзана со повисока преваленца на анксиозност и депресија. Но, ова треба да го погледнеме и од обратна страна, депресијата и други ментални потешкотии може да се поврзани со повисок ризик од заболување со некаква хронична болест како што е карциномот.
Историјата со ментални потешкотии игра улога во тоа како лицето независно машки или женски пол ја доживува болеста, каков ќе биде односот кон симптомите, каков кон себе и кон другите луѓе. Многу други фактори како социо-економскиот статус, финансиски потешкотии, хроничен стрес поради невработеност или брачни, семејни проблеми, недостаток на емоционална поддршка, стратегии на справување со стрес, невротична црта на личноста, стравот од рецедив по завршување со терапија го диктираат целокупното ментално здравје на онколошките пациенти. Високо трауматски е да се слушне дијагнозата, трауматски се медицинските интервенции како операциите низ кои минуваат овие пациенти и дополнително високо стресно и трауматски се доживувањето на самите терапиите. На грбот на мажите е културолошкото, социјално очекување дека се онеспособени финансиски да го одржуваат своето семејство и да бидат главни провајдери, а тоа го подвлекува концептот на сомневање во својата моќ, авторитет, доминантност, како и културолошките стеги дека треба покрај сѐ ова мора да остане цврст.
Колку од мажите кои се онколошки пациенти, се одлучуваат да побараат стручна психолошка помош? Каква е нивната отвореност за соработка со психолозите во споредба со жените?
Александра: Психолошкото приспособување на болест како што е карциномот е различно кај двата пола. Разликите се во реакциите на болеста и третманот, па така може да се сретне повисока вознемиреност кај жените, повисока инциденца на депресивни симптоми кај мажите. Има една интересна студија која објаснува како жените ја плаќаат цената за својата традиционална улога на грижлива, сочувствителна, негувачки настроена кон другите луѓе, односно многу често ги ставаат туѓите емоционални, физички потреби пред своите. Жонглираат со повеќе улоги истовремено, каде во релациите со другите луѓе се учени да споделуваат и да се емоционално поекспресивни. Додека пак мажот ја плаќа цената за култролошкото очекување да биде доминантен, независен, отпорен, каде и еволуциски се гледа на машкото тело како супериорно во однос на женското, оттаму болеста може да влијае на нивниот идентитет и на начинот на кој психолошки ќе се адаптираат и колку ќе се обратат за психолошка помош и поддршка. Биолошкиот фактор не влијае на тоа кој ќе побара психолошка помош, туку социјализацијата, воспитувањето на мажите уште како деца да не покажуваат ранливост. Па следствено ако некој не е научен да е во контакт со своите емоции, потешко ќе им биде да распознаат на пример дека се депресивни.
На Клиниката за онкологија бележиме значително помал број пациенти од машки пол кои се обраќаат за психолошка помош, а тоа може да се должи на повеќе причини за кои веројатно би требало да размислиме и ние како да допреме преку едукации, прирачници, поголема промоција на кабинетот.
Од друга страна, колку често во психолошкиот кабинет се обраќаат мажи кај кои има негативни емоции поради карцином на нивна блиска личност – сопруга, ќерка, сестра или кој било друг од блиското опкружување?
Александра: Интересно и кај оваа појава повторно жените се оние кои почесто се обраќаат во нашиот кабинет за психолошка помош и поддршка каде ги упатуваат своите сопрузи, браќа, синови итн.
Според некои истражувања, мажите за 36 проценти помалку од жените се обраќаат кај психолог. Како стручни лица како гледате на овие сознанија, зошто е тоа така, дали на мажите им е потешко да ги прифатат негативните емоции или пак, да се обидат да се справат со нив?
Александра: Секој кој се соочува со ментални предизвици значи дека ќе има потешкотија да зборува за истите. Особено за мажите затоа што се воспитуваат уште како деца да бидат цврсти, храбри, па така грижата за ментално здравје или пак посетувањето на психолог може да го гледаат како нешто спротивно на култоролошките очекувања. Постои надворешно стигматизирање од околината, поради што мажот смета дека средината ќе го отфрли, но и внатрешно стигматизирање како срам, чувство на безвредност кои пак придонесуваат за изолација и осаменост. Исклучително непријатна состојба поради која помалку се обраќаат за психолошка поддршка.
Врз основа на нашата евиденција во кабинетот имаме значително пониска стапка на обраќање на мажите за психолошка помош, повторно може да се должи на стигмата од самата болест. Карциномот е живото преокретувачки настан кај сите пациенти, физички и емоционално исцрпувачки. Па така на клиниката организираме дневни посети, односно секојдневно сме во тек со психолошката состојба на пациентите, групни средби со пациенти кои се од големо значење и самиот кабинет како безбедно место каде ранливоста ја прифаќаме како сила.
Дали и возраста има влијание врз отвореноста кај машкиот пол за да се побара психолошка помош при одреден здравствен проблем, дали можеби помладите се посвесни за придобивките од разговорот?
Елена: Преодните фази на возраста на помладите може да вклучуваат криза и стрес, но смислата за семоќноста сѐ уште е достапна кај младите, присутна е верба во иднината и токму таа може да послужи да се намали влијанието на стресот врза самодовербата и чувството на потреба од надворешна помош. Големо влијание имаат социјалните норми, неподготвеност за разговор, минимизирање на симптомите. Според некои истражувања, 40 проценти од мажите ќе побараат помош само кога имаат сериозен здраствен проблем, тој процент се зголемува како што стареат мажите, кога сериозните болести ги принудуваат да се обратат кај професионалец.
Негирањето е сѐ почеста стратегија за справување со проблемите во текот на животниот циклус, негирање за преживување се појавува кај постарите луѓе, на пример „Никој не се грижи за мене“, „Не знам на кој можам да сметам за помош“, постарите луѓе имаат помалку луѓе кои се грижат за нив, но постарите луѓе ги негираат овие изјави исто колку и помладите и средовечните. Можеби за постарите луѓе се грижат нивните деца и грижливи институционални структири, кои го намалуваат влијанието на намалена социјална поддршка, но исто и негирање на загриженост може да биде и од суштинско значење чиј што живот би изгледал поопасен или поразителен.
Ноември на меѓународно ниво се одбележува како месец посветен на машкото здравје, па според вас, колку во таквото одбележување се посветува внимание на менталниот аспект на здравјето? Што треба да се направи за да се зголеми свеста за оваа тема – дали се потребни едукации, кампањи, поголема застапеност во медиумите и слично?
Елена: Ноември е често познат под Movember, или „ No shave november”, но официјално станува збор за подигање на свеста за здравјето на мажите, грижа за сопственото здравје, особено за подигање свест за зачестеноста од канцер на простата и тестиси, како и превенција од самоубиство.
Менталното здравје е важен дел од целокупното здравје, проблемите со менталното здравје се чести, но не и знак на слабост, понекогаш е потребна храброст да се признае проблемот и да се побара помош, во тој случај би требало поголемиот дел од популацијата да е добро запознаена каде може да се побара помош, секако со повеќе вакви разговори се обидуваме да придонесеме кон нормализирање на барање помош, апсолутно од значителна корист се едукации, кампањи кои ќе придонесат кон подигање на свеста за важноста на менталното здравје, како и барање помош кога е потребно.
Откако почна пандемијата, одржавте низа работилници и оналајн средби посветени на онколошките пациенти, со цел зачувување на нивното ментално здравје. Дали се забележува присуство на мажите на ваквите работилници?
Елена: Токму така, секоја среда на ЗООМ, во времетраење од 2 часа, има група за онколошки пациенти и членови на нивните семејства, групата е водена и организирана од претседателката на комора на психолози Мирјана Јовановска Стојановска, во соработка со здружението „ Љубов сме/ Jemi dashuri“ , на групите пациентите имаат шанса да се запознаат едни со други, да се запознаат себе си, да си дадат поддршка, се учат да бидат трпеливи, истрајни да ги сослушаат останатите присутни, за време на секоја група има психолошки вежби кои се предводени од психолог/ психотерапевт. На групите поголемиот дел од присутните се жени, но можеби тоа е резултат на тоа што поголемиот број присутни во групата на facebook „ Љубов сме“ каде и се споделуваат информациите, се жени, односно пациентки кои се лекуваат на одделот за малигни тумори на дојка, секако би било добро да се вклучат и останатите пациенти.
Која би била вашата порака до нив – како да се грижат за своето психичко здравје, што да превземат доколку се соочуваат со дијагноза канцер или доколку некој од нивните блиски се соочува со болест?
Елена: Менталното здравје е исто важно колку и физичкото здравје! Менталното здравје ја вклучува нашата емоционална, психолошка и социјална благосостојба, тоа влијае на тоа како размислуваме, се чувстуваме и дејствуваме. Исто помага да се одреди како се справуваме во стресот, како да се поврземе со другите. Менталното здравје е важно во секоја фаза од животот. Особено е значајна психолошката поддршка за лица кои се соочуваат со дијагноза канцер, бидејки тоа за нив претставува нешто ново со кое не знаат како да се соочат, повеќето од пациентите даваат информација дека на добиената дијагноза реагирале со шок, паника, растревоженост. Како и за пациентите кои започнуваат со лекување, така и за оние кои се во тек на третман , постојано е присутна анксиозност, исчекување на резултати пропратени со неизвесност и страв, како за пациентите така и за нивните семејства. Заедно со психолог се работи на адаптација на новонастанатата ситуација, потребно информирање за текот на третманот, разбирање и прифаќање на емоции, валидирање на емоции, поддршка низ целиот процес. Во давање на услуга психолошка помош и поддршка покрај психолози, учествуваат и лекарите и останатиот медицински персонал, кои се постојано присутни покрај болните во текот на целиот процес.
Вања Мицевска