Алтернатива утревечер во 18 часот има закажано седница на Централното претседателство, што беше одложена поради тридневната жалост и автбуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 патници.
Членот на Алтернатива и пратеник Скендер Реџепи Зејд за МИА изјави дека утревечер членовите на Централното претседателсто треба да му дадат насока на Централното собрание, највисок орган на партијата, и тоа ќе донесе одлука дали тие ќе станат дел од Владата и парламентарното мнозинство или ќе останат дел од опозицискиот блок.
-Верувам дека во еден дијалог ќе ги соочиме сите аргументи „за” и „против” и дека ќе биде донесена соодветна одлука, вели Реџепи.
Негов став е, како што кажа, доколку Алтернатива донесе одлука да стане дел од Владата, услов да биде давањето предност на програмата на партијата пред позициите на власта.
Претседателот на партијата Африм Гаши минатата недела беше на средба со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на која беше официјализиран предлогот Алтернатива да биде дел од владината коалиција, со што исто така со нивните четворица пратеници би се зголемило и мнозинството во Собранието.
Пратениците на Алтернатива беа потписници на иницијатовата за недоверба на Владата, но откако Кастриот Реџепи од Беса не дојде на седницата пропадна овој обид на опозициските партии. Сега Заев се обидува да го зголеми мнозинството во Собранието со што наместо 61 пратеник би имало 65. Тоа би овозможило зајакнување на позициите на мнозинството и стабилна Влада.
МИА