Од Министерството за транспорт и врски информираат дека на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност.
-После официјално доставените податоци од Министерството за внатрешни работи, а во однос на опожареното возило со регистарски број SK-0284-BA во сопственост на фирмата „Беса Транс БТБ“, кое учествуваше во сообраќајната несреќа со трагични последици во Република Бугарија, Министерството за транспорт и врски утврди дека за споменатото возило нема издадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници.
Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски, се вели во соопштението од министерството.
Од таму напоменуваат дека Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса Транс БТБ“, а возилото кое учествуваше во несреќата не е меѓу нив.
Согласно член 12 од Законот за превоз во патниот сообраќај, а поради недостатоците што се утврдени од страна на Министерството за транспорт и врски, а воедно и со цел да се превенира какво било друго дејство од страна на фирмата кое би можело да предизвика негативни последици, на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници до Министерството за транспорт и врски.
Дополнително, Владата на Република Северна Македонија на последната седница го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор на превозникот „Беса Транс БТБ“.
Министерството за транспорт и врски е во целосна координација со останатите државни институции и стои на располагање со целокупната база на податоци.