На 16 то издание на Јуниорскиот Евросонг , кој ќе се одржи на 25 –ти ноември во Минск, Белорусија, Македонија ќе ја претставува Марија Спасовска. Инаку таа е ученичка во осмо одделение од Основното училиште „Александар Македонски“ од Скопје.
На аудицијата која се одржала на 18 август за избор на вокален интерпретатор кој ќе ја претставува Македонија на изборот за песна на Јуниорскиот Евросонг 2018, пријавени биле 11 кандидати, а настапиле десет, соопштуваат од Македонската радио телевизија.
По преслушувањето на сите кандидати, комисијата едногласно ја одбрала Марија Спасовска. Според мислењето на комисијата, Марија имала најдобар настап, потврдила дека поседува извонредни гласовни способности за достојно да ја претстави Македонија во Минск, Белорусија.
Марија Спасовска има издадено свое ЦД со вкупно седум соло песни и освоено и две втори награди на настапи во Минска, Белорусија и во Струга. Освоила трето место на Славјански базар во изведба на песната „Црно и бело“ од Калиопи. Таа има освоено и други награди и признанија на европската музичка сцена за млади таленти, а има настапувано и во неколку познати шоу програми за млади таленти во регионот каде има постигнато забележителни успеси.