Тетово и тетовско се завиени во црно. Од овој регион досегашните информации на ММС говорат дека загинааа 6 луѓе, девојки и жени. Четири се од градот Тетово, а две се од тетовско Пирок, Општина Боговиње, кои биле мажени за двајца браќа од ова населено место. Се работи за 51 годишна жена со иницијали Х.Х и две години постарата Н.Х, кои потекнувале од гостиварски Градец.
Во Пирок ретко кој сакаше да зборува за трагедијата. „Голема трагедија не снајде и нас и цела држава “,накусо кажаа.
– И двете сестри се од добра и влезени во добра фамилија. Печалбарски семејства се, што друго можам да кажам. Двете жени отишле малку да прошетаат и не се вратија, не знаеме кај ни е главата тука во селото, раскажа за ММС еден жител од село Пирок
И Тетово денот го дочека со голема жалост. Од овој град загинаа четири лица. 23 годишната А.Б од тетовската наелба Поток, која со својот вереник Газменд Укали на возраст од 27 години од Кичево кој исто така загина, биле во Истанбул да прослават роденден. Од Тетово починаа и 21 годишната А.А, 50 годишната Ф.Х како и 61 годишната со иницијали Д.И Последните 3 биле во крвно сродство
Од Општина Тетово изразија сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски во сообраќајната несреќа што се случи во Бугарија, а на повредените им посакаа брзо закрепнување.
-Општина Тетово соопштува до пошироката јавност дека поради тешката состојба која владее во Северна Македонија, ги прекинува сите активности.Се известуваат и сите граѓани на Тетово дека од истите причини ќе биде привремено прекината и граѓанска акција за чистење на градот, најавена за 27 ноември. За датумот кога ќе се одржи оваа акција ќе бидете однапред известени, информираа од Општина Тетово.
Од загинатите, четворица се од Општина Дебар
Во објавата на официјалната страна на Фејсбук, градоначалникот на Дебар Хекуран Дука порача.
-Со голема тага и длабока болка ја примивме кобната вест за жртвите од трагичната несреќа во Бугарија, особено кога дознавме дека меѓу нив има и 4 наши сограѓани-дебрани. Длабока е раната предизвикана од оваа трагедија во која има и многу деца, а повеќето се млади. Ја споделуваме болката со погодените и нивните семејства. Го молиме семилостивиот Бог да ги помилува загинатите да им даде божји рај и да даде брзо закрепнување на повредените, напиша Дука на Фејсбук.
(З.Д.)