Во овој момент не може да се каже која е причината за незгодата. Можни се два фактори, човечкиот фактор или пак, техничката неисправност на возилото – изјави јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески пред болницата „Пирогов” во Софија, каде се сместени седуммина од преживеаните патници од денешната автобуската несреќа.
– За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата – истакна Јовески и додаде дека станува збор за пообемни вештачења.
Тој информираше дека обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија.
„Телата во моментов се извлекуваат од автобусот, ќе треба да се земат биолошки траги од роднините и очекуваме тој процес многу брзо да заврши“, изјави Јовески прецизирајќи дека не станува збор за паралелна истрага.
– Со Обвинителството на Бугарија имаме развиено добри колегијални односи. Станува збор да се убрза оваа постапка, да видиме кои документи им се потребни од нашата држава за да може што поскоро да се утврдат сите факти за оваа трагедија – додаде тој.
На прашање дали се сретнале со сопственикот на агенцијата, Јовески рече дека се сретнале, но дека не разговарале. – Ние се сретнавме само таму, но немаше причина да разговараме. Ниту можеме да разговараме, тој во постапката ќе треба да даде соодветна изјава, додаде Јовески.
Во Софија со Јовески е и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која посочи дека увидот се уште трае и оти не може да кажа подетални информации.
МИА