Од јавниот повик за набавка на јаглен за РЕК Битола, само понудата од Албанија била прифатлива и АД ЕСМ ќе потпише договор за набавка на 90 илјади тони јаглен. Од компанијата соопштија дека повторно ќе биде објавен отворен повик за набавка на уште 810 илјади тони јаглен за потребите на РЕК Битола, кој ќе трае во текот на целата грејна сезона, како и за 170.000 тони за ТЕЦ Осломеј.
„Од повикот за набавка на јаглен за РЕК Битола ќе биде потпишан договор за набавка на 90 илјади тони јаглен од Албанија. Од деветтте фирми кои дадоа 14 понуди од различни рудници во Северна Македонија и од регионот, дел не одговараа технички во однос на јагленот, додека дел имаа недостатоци во економско-финансиската евалуација, односно во назначениот рок немаа доставено комплетна документација“, информираа од ЕСМ.
Отворениот повик ќе биде дополнителна можност за компаниите да ја комплетираат документацијата, како што е случајот со понудата на јаглен од Косово, која ги задоволува техничките, финансиските и количинските барања на повикот, посочија од ЕСМ. Додаваат дека, економскиот оператор не успеал во првиот рок навремено да достави договор склучен со КЕК-државните електрани на Косово, како испорачувач на јагленот, поради тековната промена на раководниот тим во косовските државни електрани.
Сите економски оператори ќе имаат можност во текот на грејната сезона да доставуваат понуди, до обезбедување на бараните количини. АД ЕСМ, исто така, го засили ископот на сопствен јаглен и со тоа ќе го осигураме производството на електрична енергија во текот на зимската сезона. Нивото на ископан јаглен на депонијата во РЕК Битола изнесува 200 илјади тони, информираа од таму.
Пред околу три недели објавен беше тендерот за набавка на јаголен за РЕК Битола, и денеска се очекуваше ЕСМ да ја објави фирмата. На јавниот повик понуди доставија девет компании, дел беа домашни фирми кои понудиле јаглен од два домашни рудника, а понуди имаше и од фирми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Турција.
Поради дефицитот на струја од домашно производство, од буџетот во последните две недели се исплатени 12 милиони евра за увоз на електрична енергија.
М.Т.