Целосно нелогична, неоправдлива и неприфатлива е евентуалната одлука на Владата според која работодавачите ќе ги покриваат трошоците за ПЦР тестови на работници кои не сакаат да се вакцинираат. Затоа што вакцинирањето против ковид е бесплатно, а некои работници сепак не ја користат таа поволност, оценуваат од Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ).
Според ОРМ, неприфатлив е и предлогот за два платени слободни дена за вакцинација на работниците, бидејќи со ова би се довеле во нерамноправна состојба оние кои веќе се вакцинирани, а за кои претходно немало ваква поволност.
„Во време кога компаниите се соочуваат со голема неизвесност и се обидуваат да се обезбедат работа и опстанок на што поголем број работни места, предлогот со кој трошокот за тестирање на работниците кои не сакаат да се вакцинираат, да падне на товар на работодавачите, би претставувал големо и неоправдано дополнително финансиско оптоварување“, наведува ОРМ, во врска со најавата за новите предлог мерки за невакцинираните работници од Комисијата за заразни болести кои треба да ги разгледува Владата на денешна седница.
ОРМ предлага Владата да преземе други мерки за да се стимулира имунизацијата, на пример, Владата би можела да воведе различен износ за боледување за вакцинирани и за невакцинирани работници, во случај да се разболат од ковид. Од ОРМ потсетуваат дека, поголем дел од компаниите и досега практикуваат мерки за стимулирање на вакцинирањето, како што се: исплата на еднократна парична награда за вакцинирани работници, слободен ден за секој вакциниран, бесплатен превоз за вакцинација во Србија, не се одбива награда или бонус за отсуство во случај да заболат, од ковид и друго.