Желбата да бидеме слаби, згодни и здрави ја имаме сите, но не секому му успева тоа. Сите чекаме да ни проработи чипот во глава и да ни пукне филмот па да си речеме- од утре комплетно ќе го сменам животот, се посветувам на себе и своето здравје! Успехот во оваа реченица зависи од карактерот на човекот и од способноста да направи промени во сопствениот живот.
Таква промена со видливи резултати направи фолк пејачката Милица Кузмановска, која по неколку здравствени проблеми собра сили и рече- доста е, време е за промени! Резултатот од тоа е минус 23 килограми, здрава исхрана и физичка активност, се’ она што до почетокот на годинава не го ни помилувала.
-За неполна година ослабнав 23 килограми. А се’ почна едно по едно, лоши моменти кои ме натераа да си го сменам животот. Прво правев заби, па ме фати ковид, па потоа се оперирав и по операцијата комплетно го сменив животниот стил. Прво почнав малку да шетам, па потоа тоа прерасна во пешачење, за да станам многу физички активна. Сега имам 64 килограми и секое утро се мерам.
Што навистина се случи за да ти се смени чивот во глава и да смениш начин на живот?
-Пред новогодишните празници ги правев забите и сакаш не сакаш мора да имаш редуциран начин на исхрана. Потоа се заразив од ковид-19, во јануари годинава. Немав некои страшни симптоми, изгледа брзо дека реагирав. Симптомите кои ги почувствував ми беа мноогу чудни, никогаш во животот не сум ги почувствувала и точно знаев дека е Ковид. Чудно накашлување кое траеше две недели, а почна уште поред Нова Година. После Бадник веќе ми беше потврдено дека имам ковид-19. А немав температура, немав болки во тело, немав ништо, туку само не ми престануваше крварењето, што подоцна од туѓи искуства, од други жени кои биле во истата ситуација, а секако тоа ми го кажа и лекарот, дека ковидот предизвикува продолжено крварење. Мене тоа многу ме истошти. Кога отидов во болница, прво ми направија тест и тестот покажа дека имам многу антитела. Значи, јас една недела откако станав Ковид негативна, влегов во болница на операција. Но, лекарот не ме оперираше веднаш, поради ковид-19 се’ ми беше пореметено и по нивна препорака операција веднаш после Ковид е невозможна. Лежев во болница и ми даваа крв, примив 10 кеси крв и плазма. После десетина дена направив операција, која медицински се вика хистеректомија. Во болница лежев три недели и кога по операцијата дојдов дома ми беше многу тешко, бидејќи и операцијата ми беше многу тешка. Успеав некако, се изборив во животот и со помош на лекарите и со моја помош, преку верба и духовна воздигнатост, бидејќи духовната храна многу значи.
Дали од тука почна трансформацијата?
-Да. Комплетно. Велам комплетно затоа што луѓето сега не можат да ме препознаат. Па, јас цело лето, секој ден и немав ден пропуштено да не пешачам 7-8 километри. Почна слабеењето и додека бев заразена со Ковид, бидејќи немав никаков апетит,но по операцијата продолжи, а најголемиот број килограми паднаа од мојата промена. Пред се ова да ми се случи се ми беше пореметено, имав покачен шеќер, висок крвен притисок… Но, седнав, си размислив и сама на себе си ветив. Си реков- е од денес менувам комплетно се! Почнав да си легнувам уште во 10 часот, почнав да вежбам јога, која многу ми помогна духовно, ми го смени умот, ме смири за да можам сето тоа што ми се случи да го пребродам. Не е лесно да поминеш низ ковид и низ операција. Многу бев исцрпена, истоштена, но сега му благодарам на Бога, веќе го надминав тоа, бидејќи многу подобро се чувствувам од периодот пред сето ова да ми се случи. Значи јас сум комплетно трансформирана личност, физички имам повеќе сила, а духовно сум многу посреќна. Автомобилот ретко го возам, а порано и за многу кратки релации сум го употребувала. Сега ако имам работа до Клиника или во Центар одам со такси, но дома се враќам пеш. Во денот не ми се случило да не излезам да пешачам.
Што смени во исхраната? Што исфрли, а што зголеми?
-Ги исфрлив јаглените хидрати, а тоа подразбира шекер, тесто, бели брашна. Малку интергално, повеќе хељда, леќа, зеленчук. Овошјето кое има висок гликемиски состав како банана, ананас, лубеница, која многу ја сакам, а цело лето едвај две парчиња сум пробала. Значи леб никако, а ако некогаш не можам да издржам тогаш брашно од спелта. Ориз не, компир никако. Компир цела година не сум пробала, а ориз понекогаш и тоа интегрален.
Како сега ти почнува денот? Кои ти се сега новите навики?
-Станувам сабајле и пијам чаша вода со пола цеден лимон, потоа јадам една јаболка или една мандарина, па кафе задолжителни и во текот на денот нешто си готвам. Избегувам месо, повеќе јадеме риба. Порано јадевме еднаш месечно риба, а сега два пати неделно.
Како се чувствуваш со минус 23 килограми?
-Се чувствувам фантастично. Никогаш порано не сум се чувствувала толку убаво и лесно. Порано се замарав, не можев пешки да одам, а сега не. Па и во поглед на убавината, која треба да ја има жената иако мене физичката убавина никогаш не ми била на прво место. Сепак, убаво е кога ќе слушнеш комплименти за промената, дека убаво изгледам. Искрено после толку време јас направив таква промена што буквално се реинкарнирав. И духовно. Доаѓа момент кога сваќаш дека материјалното воопшто не е важно за да бидеш среќен. Живееме во многу тешко време, голема криза е и уште ќе се продлабочува, бидејќи дојде крај да се расформира овој систем на материјални вредности кој владее со нас. Ние сме робови. Опшеството и системот не’ натерал да немаме време за себе, духовно да растеме и да се развиваме.
Колку конфексциски броја падна?
-Сега влегувам во 36-38. Иако 38 некогаш ми е точен, а некогаш голем број.
Колку е тешко да се направи таков рез и да се почне сосема нов живот?
-Искрено тешко е затоа што верувам дека кога ова ќе го читаат многу ќе се пронајдат себе си. Да, тешко е, но јас немав друг избор, ако сакав да се вратам во нормала, на нормалниот живот. Но, му благодарам на Бог што ми го покажа и тој пат. Ете издржав. Така мислам да продолжам и понатаму, бидејќи дојдов до заклучот дека нашето тело треба да ни биде светиња. Треба да го негуваме и да го чуваме и сметам дека треба повеќе да сме свртени кон самите себе. Не е се во прејадување, од тоа доаѓаат и сите болести. Мораме да сме умерени во се’.
Што правиш овие две години кога твојата професија е најзагрозена, како се снаоѓаш?
-Мојата професија е на дно, па како и другите така и јас барав начин да најдам алтернатива за преживување. Нешто имав заштедено што ми помогна да преѓивеам, а продолжив и со образованието. Моментално сум на постипломски студии, специјалистички студии за стратегиски менаџмент, ќе магистрирам за човечки ресурси. Тоа ми е желба. Во однос на музиката не заостанувам многу, годинава настапував на два фестивали. Излезе моето ново цеде со наслов „Ти си моја среќа“, на кое сите се нови авторски песни.
А што се случува во твојот љубовен живот? Се уште ли си разведена, сама и среќна? Ќе запливаш ли во нови брачни води?
–Разведена сум веќе 12 години, судски веќе шест години. Втор брак нееее, далеку од тоа. Кога ќе дојдеш на овие години, кога децата ти се поголеми, тоа место им го отстапуваш на нив, а јас сум таа која треба да им даде поддршка. Апсолутно не планирам да се мажам, тоа е мој заклучок до кој сум дошла сите овие години колку што сум сама. Не велам дека нема место за нова љубов, бидејќи човекот е од љубов создаден и така треба да живее. Се додека е жив да сака и да љуби безусловно. Времињата не се такви да можеш да мислиш само на љубов, бидејки оптоварени сме со многу други работи за преживување. Е сега, што ќе дојде, добредојде, нека остане. Тоа се стихови од една моја песна.
Зошто не за втор брак? Поради траумите од првиот или си заклучила дека можеш да бидеш среќна и ако си сама?
-Не од траумите од првиот брак, мислам дека сум доволно порасната, израсната за да бидам стабилна и да можам да живеам сама. Тука ми се децата, па се посветувам на нив, на нивни љубови. Сакам да се радувам на нивни бракови, па и на внучиња. Зошто да не? Сметам дека тоа од синот ќе се случи во најскоро време. Се подготвувам за баба. А јас за да не биде дека стојам цврсто на ставот дека нема да се омажам ќе речам:Никогаш во животот не се знае! Но, за да бидеш со некого и да ти е убаво не мора да си во брак. Времињата се менуваат, а ние треба да се прилагодуваме. Љубовта е добродојдена, но тоа нема да значи дека мора да се круниса со брак. Не ми треба брак, ми треба човек кој ќе ме разбере, кој ќе ме поддржи и ако функционираме добро заедно би било супер.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски