Побргу ќе се вработиш како хигиеничар или келнер, отколку како програмер – Македонска пазарна реалност е последица од непланското образование – ММС
ММС

Објавено на: 11/24/21 11:52 AM

Побргу ќе се вработиш како хигиеничар или келнер, отколку како програмер – Македонска пазарна реалност е последица од непланското образование

Хигиеничари, продавачи, општи работници, келнери и шивачи.. Тоа се најбараните занимања во државава моментов, според официјалните податоци на страната на Агенцијата за вработување на Северна Македонија (АВРСМ). Поточно, хигиеничари се бараат 778, продавачи 520, општи работници 320, келнери 256 и шивачи 255. Програмерите се после сите нив, на шесто место според најбарани занимања со најголем број на слободни места, или се бараат 191 програмер на пазарот на трудот, според евиденцијата на АВРСМ, од огласите на домашните компании.

Од друга страна, работодавците најмалку бараат маркетинг агенти, само 42, оператори на машини-43, помошници готвачи-46, касиери-49, шофери на автобуси- 50 и продавачи преку телефон -52. Во исто време, статистичките прегледи на АВРСМ покажуваат дека, најголем број на слободни работни места има во преработувачката индустрија, дури 1.279, во трговијата 1.009, помошни услужни дејности 805 (туристички организации, дејности со недвижности, одржување на згради, заштитни дејности) и во објектите за сместување и сервисни дејности со храна 792. Најмалку слободни места од друга страна, има за производители на стоки и услуги за свои потреби 0 (нула), екстериторијални организации (разни фондови, организации, здуженија) 1, и во јавна управа и одбрана и социјално осигурување 4.

Речиси целата понуда на слободни работни места е сконцентрирана во Скопје, каде се нудат 3.832 слободни места за работа, следи Тетово со 343 и Куманово со 238. А, воопшто не се нуди работа во Крушево, Демир Хисар и Делчево, каде на листата на АВРСМ кај овие градови стои нула работни слободни места.

Со ваква побарувачка и понуда на работни места, може ли македонската економија да се развива и да оди напред и да и конкурира на западните економиии ?

Според Ангел Димитров, директор на Мода од Свети Николе и доскорешен претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, потребно е да се менува и да се подигнува нивото на образованието во државава.
„Видот на бараните занимања на домашниот пазар зависи од структурата на стопанството, а не од занимањата кои ги продуцираат нашите образовни институции. Потребна е промена на структурата на стопанството, што е долгорочен и сложен процес. За тоа потребно е капитал и знаење. Ако немаме домашен капитал, може да донесеме странски инвеститори, но се плашам дека степенот на знаење на нашите дипломирани студенти не е на потребното ниво. Затоа е потребно истовремено тоа да се подигнува нивото и да се привлекуваат инвестиции во пософистицирани дејности, кои ке понудат и повисоки плати на вработените“, вели за ММС Димитров.
Ангел Димитров
Токму ниските плати кои ги нудат домашните, како и странските фирми во земјава, се причина што младите не прифаќаат работа после средното образование. Оттаму и големата побарувачка од кадри со средношколска подготовка, како општи работници, продавачи, келнери..
Сопствената иднина поголемиот дел од младите ја гледаат надвор од земјава. Т.М (30 г.) од Скопје е еден од нив.
„По завршувањето на средното гимназиско образование, повеќе пати работев како келнер, шанкер и продавач, за плата од 200 до 300 евра, која ни оддалеку не ми е доволна за да издржувам семејство. Во меѓувреме, завршив курс по маркетинг и сега конкурирам за работа во странство, каде верувам дека ќе заработам повеќе отколку тука, и ќе си обезбедам подобар живот за мене и за семејството“, вели тој за ММС, а секако не е единствениот со вакво размислување.
Северна Македонија важеше и се уште важи за земја со висока невработенот. На крајот на октомври бројот на вкупно невработените изнесувал 189.440 според АВРСМ. Стапката на невработеност во вториот квартал од годинава, според Државниот завод за статистика, изнесува 15,9 отсто.
Проблемот со недостиг од квалификувани, стручни работници, посебно го наметнаа странските компании во земјата, кои заедно со коморите и образовни институции, издејствуваа да се воведе и да се проведува веќе  четири години, проектот на дуално образование, кој практично функционира во повеќе средни школи.