Со сослушување на загрозениот сведок, кој одговара на прашањата на адвокатите на обвинетите, денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година.
Во судницата се присутни обвинетите Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, кој е спроведен од затворот Шутка, каде издржува затворска казна за друго дело. СЈО во овој предмет го застапуваат специјалните обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев, на почетокот на денешното рочиште кажа дека од Министерството за правда добил писмо дека е во тек постапката за екстрадиција на обвинетите АСдидемири и Африм Исмаиловиќ од Косово.
Судијата Ставрев, претходното рочиште го прекина поради замореност на загрозениот сведок, по неговото сослушување од страна на СЈО и еден од адвокатите од одбраната.
Загрозениот сведок на минатото рочиште кажа дека останува на исказот даден на претходна постапка. Тој во судницата препозна неколкумина од обвинетите и ги опиша.
Одбраната смета дека загрозениот сведок е конфузен во одговорите и затоа се сомневаат во вистинитоста на неговите искази. Посочуваат дека на истото негово сведоштво била базирана и претходната пресуда за „Монструм“ што беше укината на Врховен суд, а предметот вратен на повторно одлучување.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.