Граѓаните се почесто во автобус се возат со билет платен преку мобилен телефон – ММС
ММС

Објавено на: 08/24/18 9:24 AM

Граѓаните се почесто во автобус се возат со билет платен преку мобилен телефон

Статистиката на јавното сообраќајно претпријатие покажува дека граѓаните се почесто во автобус билет плаќаат со мобилен телефон, Забележан е значителен пораст во споредба со истиот период минатата година при плаќање на билет со мобилен телефон. Во периодот јануари/јуни лани биле платени 100.528 билети со мобилен телефон, а годинава во истиот период, дури 782.075 билети.

22,6 милиони патници, го користеле ЈСП во првите шест месеци од 2018 година, најголемиот дел од нив се возеле во март, а најмалку во јануари. На градските улици секојдневно сообраќале 277 возила на ЈСП, а 206 на приватните превозници. Во споредба со истиот период лани, годинава е регистриран зголемен број на возила во дневен сообраќај за 0,5 отсто во просек дневно.

Бројот на продадени персонализирани билети е зголемен за 2,6% во споредба со истиот период лани, односно продадени се речиси 20.000 билети повеќе. Значително е зголемувањето на продажбата на доплатни билети за возрасни, како и на годишните билети за градските линии. Токму посочените категории билети го сочинуваат и најголемиот број од продадени персонализирани билети.  Зголемен е и бројот на неперсонализирани билети за 25,9% или за речиси 825.000 билети.

Во првите шест месеци од годинава преземени се конкретни мерки за долгорочно задолжување на ЈСП кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра за купување нови еколошки автобуси. Во зависност од понудената цена на понудувачите, се очекува да се набават 30-40 возила на гас. Согласно со планираната динамика на постапката, се очекува новите возила да бидат набавени идната пролет. Во таа насока, значајно е да се спомене дека во првото полугодие од годинава, дел од јавниот сообраќај беа три автобуси на гас и еден на струја. Нивните производители/дистрибутери ги отстапија на бесплатно користење, а тој период се искористи за да се добијат конкретни искуства и резултати од нивната примена во јавниот превоз, односно да се утврди кој тип на автобус би бил најповолно решение за јавниот автобуски превоз во градот.

Значајно е да се нагласи и дека во посочениот период со жичницата се превезени 132.035 патници. Најголем дел билети биле продадени на возрасни лица (83.884), а значителен е и бројот на продадени групни билети (7.804-возрасни и 3.416-деца).

 Кон крајот на месец мај заврши договорот меѓу ЈСП Скопје и фирмата-мастер дилер за продажба на нивните услуги. ЈСП Скопје целосно ја презеде под своја надлежност дистрибуцијата на картичката „Скопска“. Оспособени за продажба и надополнување на „Скопска“ се 32 билетарници на ЈСП, како и деведесет локации од секундарната продажна мрежа (маркети, трафики), а нивниот број секојдневно расте.